Колку била битна позицијата на Билазора кажува и еден од најверодостојните, многу објективни и прецизни антички историчари Полибиј
Пишува: Александар Нацев
Градиште – Славков дол, кај село Кнежје или попознато како раноантичка Билазора се наоѓа на само 3 километри западно од Свети Николе. Градиште значи дека таму на градиштето, некогаш одамна имало стар град. Па така раноантичкиот град Билазора на оваа локација го датирал Иван Микулчиќ во 1976 година. Според керамичките наоди, животот на градиштето започнал во железното време 7 – 6 век п.н.е. и продолжил во континуитет низ класичниот и хеленистички период до раниот 2 век п.н.е. Со археолошките истражувања, како одминуваа годините, само се потврдуваше дека најверојатно, односно дека станува збор за Билазора.
Билазора се наоѓа на доминантен рид со вештачки зарамнето плато. Не е случајно позиционирана на добра геостратешка позиција. Околу Билазора има доста градишта од овој период кои заслужуваат да бидат споменати, но во некој нареден пообемен текст. Сега сакам да го доловам моментот дека овие градишта кои зафаќале површина од 2 до 4 хектари имаат карактеристики на плански организирани населби или први мали гратчиња кои биле во служба на Билазора, која била со површина од околу 20 хектари и заземала централна позиција, од каде лесно се одржувала визуелна комуникација со бројните истовремени населби (градишта) распоредени низ целото Овче Поле. На тој се начин остварувала ефикасна контрола и врз главните комуникации што воделе кон Скопско-кумановскиот Регион на север, како и кон долината на реката Брегалница на југ. А колку била битна позицијата на Билазора кажува и еден од најверодостојните, многу објективни и прецизни антички историчари Полибиј, кој во својот сочуван фрагмент ќе рече: „Во тоа време кралот Филип Петти ја освои Билазора, најголемиот град во Пајонија и погодно поставен кај влезовите од Дарданија во Македонија, и со овој потфат, речиси, се ослободи од стравот од Дарданците. Бидејќи на Дарданците не им беше лесно да навлезат во Македонија сè додека Филип ги држел (под контрола) влезовите кон споменатиот град“. Ова покажува дека најголемиот град во Пајонија бил добро позициониран наспроти премините, кои од Дарданија водат во Македонија. Па така северните делови на Пајонија во 217 година п.н.е. не биле повеќе независна држава како во претходните векови, туку само географска област (територија), која дефинитивно Филип V ја приклучил кон Македонија, но Билазора сè уште била позната како најголемиот град во Пајонија.

Во историските извори, од 5 до 3 век п.н.е. среќаваме независна пајонска држава со своја династија и владетели што ковале свои монети, имале своја политика и ритуално се крунисувале во водите на реката Брегалница. Најпознати владетели, кои владееле со независната пајонска држава биле :
• Агист 359 г.п.н.е
• Ликпеј 359-340 г.п.н.е
• Патрај 340-315 г.п.н.е
• Авдолеон 315-285 г.п.н.е
• Аристон 285-278 г.п.н.е
• Леон 278-250 г.п.н.е
• Дропион 250-230 г.п.н.е
Археолошките систематски истражувања на акрополата ја докажаа ексклузивноста и значајноста на Билазора. Откриена е владетелската палата, која со својата архитектура, градежен концепт, артефактите кои се пронајдени и стратешката поставеност, покажува дека тоа не е уште еден обичен град туку дека по толкувањето на историските извори станува збор за престолнина која во овој период (5-3 век п.н.е.) го доживеала врвот од своето постоење.
Со археолошките истражувања се потврдени 4 културно историски фази во развивањето на Билазора :
Фаза 1 – 7 – 5 век п.н.е.
Фаза 2 – од втората половина на 5 до средината на 4 век п.н.е.
Фаза 3 – од втората половина на 4 век до 279 година п.н.е.
Фаза 4 – од 279 до 168 година п.н.е.
За тоа колку биле познати Пајонците од овие краеви навистина, сведочат историските извори:
– Хомер ги споменува во Илијадата. Биле сојузници, отишле под ѕидините на Троја за да се борат на нивна страна.
– Тукидид ги споменува во втората половина на 5 п.н.е.
– Полибиј и Тит Ливиј ја споменуваат во врска со политичките настани во овие краеви во 217 и 168 година п.н.е.
Фото: Народен музеј Свети Николе





