Последниот филм „Земја“ од култната трилогија на Александар Довженко ќе биде прикажан вечерва во 20 часот во Кинотека на Македонија во рамките на Фестивалот на неми и класични филмови. Снимен е во 1930 година во режија и по сценарио на Довженко. Главните улоги ги толкуваат Семјон Свашенко, Степан Шкурат и Јулија Солнцева.
Дејството на третиот дел од трилогијата посветена на историјата и политичката современост на Украина во триесеттите години од минатиот век се случува во периодот на колективизацијата. Понесени од новата комунистичка идеологија која пропагирала „фабриките на работниците, земјата на селаните“, група „комсомолци“ (КОМСОМОЛ – Коммунистический Союз Молодёжи / Комунистички сојуз на младината) формира „колхози“, земјоделски задруги. Нив ги предводи младиот Василиј, а формирањето наидува на жесток отпор кај „кулаците“ – побогатите сопственици на земјоделското земјиште.
„Земја“ е полн со натуралистички мотиви од секојдневието на украинските селани, и филмот на Довженко повторно наишол на поделени мислења кај властите: некои го примиле со воодушевување, други со критики. Цензорите исекле неколку сцени кои не биле во духот со тогашната идеологија (работници уринираат во прегреаниот мотор на тракторот за да го оладат; девојка гола го оплакува убиениот вереник), но филмот имал голем успех во странство. Бил прикажан на првото издание на Венецискиот филмски фестивал во 1932, а на светската изложба EXPO 1958 во Брисел, Белгија, еминентно жири составено од водечки филмски критичари и историчари го вброило „Земја“ меѓу десетте најдобри филмови на сите времиња. Филмот се смета за последниот голем и значаен нем филм во советската кинематографија.





