На 20 декември нема да се случи само обичен концерт, туку и можност за едукација, за ново различно музичко патување и вечер за паметење. Со нетрпение го очекувам денот, а исто така сум и љубопитна да видам кој ќе ни се приклучи на таа кадифена магија – вели Зарина Првасевда
Девојката со прекрасен глас, единствената Евгенија Здравевска, во музиката позната како Зарина Првасевда, која во придружба на врвни инструменталисти од земјата и од странство на публиката на 20 декември во Филхармонија, ќе ѝ понуди магично и неповторливо музичко искуство. Таа многу брзо стана популарна кај публиката кај нас по својата силна страст за изборниот етно звук. Што ќе може да доживее публиката на нејзиниот голем концерт, но и за изборот на гостите и програмата, прочитајте повеќе во интервјуто што го споделуваме со вас.

Фото: Марко Лопац
Од каде е љубовта кон оваа музика, дали од мала ве освои или дојде подоцна?
– Со оглед на тоа дека растев во Демир Хисар, би рекла во рурална средина, традиционалната музика ми беше правецот кој природно се наметна како јазик кој најлесно го разбирав, зашто и можев да го допрам, одживеам – тоа е јазикот со кој најлесно успевав да стигнам до кревкоста и ранливоста, но и до силните емоции на радоста и славењето. Па така, би можело да се каже дека традиционалната музика е сопственик на моето срце уште од моето раѓање, најдобар другар во детството и моја инспирација и утеха во бурите на младоста. Тоа што го воочувам и ме радува е дека нашата врска со текот на годините само се засилува, се зацврстува, се разгранува и расцутува… подоцна мирисите на тие цутови се трудам бескрајно да можат да ги почувствуваат што повеќе луѓе, зашто не се само мои, тие и’ припаѓаат на мојата татковина, но и на светот и чувствувам дека тоа е една од моите најголеми мисии во ова мое земско постоење. Напорно работам, а уште повеќе сонувам, верувам дека со верба и труд, соништата на крај секогаш се остваруваат.

Што ве инспирира во животот? И не мора да се однесува само на музика… Што ве инспирира да создавате, да се борите за секој нареден ден?
– Ме инспираат многу нешта од секојдневието… разни ситуации, природата и нејзините звуци, емоциите и луѓето во различни улоги, но најголема инспирација ми се децата и младината, оние на кои јас и мојата генерација им должиме иднина во мир, радост, сигурност и битно – квалитетни содржини. За нив вреди да се бориме, за нив вреди да создаваме, за нив вреди да се едуцираме и надградуваме и секојдневно да се стремиме да стануваме подобри луѓе.
На 20 декември во Филхармонија ќе се случи твојот голем концерт насловен „Кадифено“, дел од кој се и познати и докажани музичари од земјава и од странство. Не ви е првпат на оваа сцена, но различно ли е чувството кога настапувате пред публиката во Филхармонија и некаде на друго место?
– Хм.. со Македонската филхармонија јас сум нераскинливо врзана и тоа заради мојот прв солистички концерт таму, за мојот прв албум „Ехо“, кој е едно од најубавите искуства во мојот живот. Секоја публика и секој концерт си имаат свое место во моето срце и секогаш е различно доживување и благодарам на Бога за нив. Кога пеам надвор од државата, кога успевам да допрам срца кои не го зборуваат мојот мајчин јазик или оној на кој пеам има посебен жар и радост, но тоа исто така се случува и со македонската публика кога пеам на други јазици, освен македонски. Често пати напоменувам и кажувам дека доколку мојата музика успее да растрепери барем едно срце, а особено на јазик кој не го разбира, тогаш јас сум најсреќниот човек на светот. Музиката не познава граници, исто како љубовта и добриот збор.

Џенк Ердоган и Зарина Првасевда
Заедно со вас ќе настапат и неколку докажани музичари од Македонија и Турција, кои ќе ја збогатат вечерта со нивните изведби. Како ги избираш соработниците? И зошто за овој концерт ја одбравте токму оваа комбинација на домашни и странски музичари?
– Секогаш по различни начини ги одбирам соработниците… Чудни се патиштата на музиката. Овојпат Џенк и Ахмет ги запознав на едно магично место, а тоа е во Турција на Универзитетот во Кападокија каде бев дел од еден меѓународен семинар „Музичко село“, на кој имав незаборавно искуство – пет дена да едуцирам студенти од целиот свет за вокални техники и културно наследство на мојата татковина Македонија. Да стојам рамо до рамо до најголемите мајстори на занаетот од Турција, како и други земји од Балканот и да имам можност да зборувам за сопственото културно наследство е вистинска чест и задоволство, а уште поголемо кога ќе видиш со каква радост го прават тоа и како јаготка на шлагот, да слушаш како тоа звучи од луѓе кои прв пат дошле во допир со мојот јазик и култура.
Сакав тоа гостопримство и почит што ја добив таму да ја возвратам со топло добредојде и можност на овие артисти да споделат дел од својата култура и традиција пред мојата публика и македонскиот народ кој умее да отвори срце за новото и убавото, но во исто време и да направам ситуација во којашто ќе имаат можност да чујат и видат на кој начин се толкува и се работи традиционалната музика во светот. Така што, 20 декември не е само обичен концерт, туку и можност за едукација, за ново различно музичко патување и вечер за паметење. Со нетрпение го очекувам денот, а исто така сум и љубопитна да видам кој ќе ни се приклучи на таа кадифена магија.
Насловна фотографија: Зарина Првасевда





