Јован, Иван и Марио од Битола победници на првиот натпревар „Средношколец милионер“

Средношколците Јован Талевски, Иван Секуловски и Марио Рабаџиевски од Битола за идејата ВИ решенија за хотели и ресторани низ светот ја освоија главната награда од еден милион денари и титулата „Средношколец милионер“ на амбициозниот натпревар за средношколски бизнис-идеи во Македонија што го организираше „Бреинстер“. Обединети во тимот Stay BE, нивната бизнис-идеја „Систем 4“ користи напредни алатки со вештачка интелигенција за автоматска анализа на проблеми во хотелско-угостителскиот сектор и понуда на три вида дигитални системи: ВИ чет-асистент за веб-страниците на рестораните и хотелите, ВИ телефонски агент за комуникација со клиенти и брза изработка или надградба на веб-страници со ВИ алатки,

– Системот автоматски идентификува потенцијални клиенти, испраќа персонализирани пораки и во некои случаи дури и бесплатна демо-верзија за да се зголеми довербата. Очекувавме победа од самиот почеток. Нашата идеја мисли за иднината и носи реална вредност. Милионот нема да го трошиме за одмор и забава, туку ќе ги вложиме во развој на бизнисот. Од денес нема одмор за нас – велат Јован, Иван и Марио.

Натпреварот почна со визија да создаде национална платформа која ќе ги препознае, охрабри и поддржи младите луѓе со претприемачки дух. По повеќемесечна подготовка, селекции и менторства, финалето ја потврди огромната енергија и талент кај новата генерација иноватори. Наградата е донација од основачот на групацијата „Бреинстер“, Петар Ниновски, кој со сопствен пример сака да ја продолжи поддршката што и самиот ја добил како млад претприемач.

Покрај главната награда, победниците добија и понуда од инвеститори за дополнителна инвестиција од 6.000 евра и вредносни ваучери за Brainster NEXT и Академијата за талентирани средношколци.

– Честитки на сите, бевте фантастични. Не беше лесно да се избере победник. Видовме дека сте подготвени и иднината останува во ваши раце. Буквално. Продолжете да создавате, да се обидувате. Сите се потпираме на вас – рече Ниновски.

Второ место идејата „ПаметПакет“ на тимот од Академија „Разлика“. Третопласирани беа ЈКЦ „Милионерс“ и идејата Dwear. Најдобрите 10 тима беа наградени со дополнителни едукативни ваучери како поддршка за нивниот понатамошен развој. Натпреварот беше отворен за сите средношколци од Македонија, биле пријавени повеќе од 470 идеи. Тимовите се натпреваруваа во повеќе различни фази. Повеќе од 34.000 луѓе гласале за идеите онлајн.

Сподели