Замина во легендите Илинденка Петрушева, филмолог и критичарка, една од основачите на Кинотека

На 81 година, денеска почина Илинденка Петрушева, една од најзначајните филмски критичарки во земјава. Родена во 1944 година во Горна Џумаја, Бугарија, таа се школувала во Скопје и Загреб. Од 1972 година била уредник на филмската редакција во Домот на младите во Скопје (денес Младински културен центар).

Таа е еден од основачите на Кинотеката на Македонија во 1974 година. Таму работеше се’ до периодот од февруари 1999 до август 2001 година, кога е назначена за советник на министерот за култура за кинематографска и драмска дејност. По тој период повторно се враќа во Кинотеката на Македонија, каде работи како советник-филмолог.

Од повеќето општествени ангажмани ќе ги спомнеме: Претседател на Кино-сојузот на Македонија (во неколку наврати), Генерален секретар на Сојузот на филмските критичари на СФРЈугославија (1977-1979), во повеќе мандати член на Советодавниот комитет за култура и уметност на Институтот Отворено општество Македонија итн. Еден е од основачите на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Член е на македонската секција на филмски критичари и член на ФИПРЕСЦИ (Меѓународна асоцијација на филмските критичари FIPRESCI).

Во Кинотеката работеше на повеќе истражувачки проекти од историјата и теоријата на филмот во Македонија. Учествувала на повеќе научни симпозиуми од областа на филмот. Долги години била уредник на Кинотечен месечник, како и главен и одговорен уредник на списанието за историја и теорија на филмот „Кинопис“. Соработувала во повеќе енциклопедиски изданија: Филмска енциклопедија – книга 1 и 2 (Југословенски лексикографски завод „Мирослав Крлежа“, Загреб 1986), Македонска енциклопедија за деца (Детска радост, Скопје 1990), Македонска енциклопедија за млади (Детска радост, Скопје 1995).

Објавувaла и во периодиката: Филм-Фокус, Просветена жена, Вечер, Културен живот, Денес, Премин… Има објавено преку 300 рецензии, осврти, коментари… Објавувала и во специјализирани филмски списанија во Франција, Австрија, Турција, Русија, Југославија, Хрватска, Словенија, Бугарија, итн.

Објавени дела: Филмолошка библиографија 1944-1954 (Кинотека на Македонија, Скопје 1991) и Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000 (Кино-сојуз на Македонија, Скопје 2000),  „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (Македонска реч, 2005) и „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (Кинотека на Македонија, 2011). Во 2015 година ја објави книгата „Само сонот е стварност“, а во 2022-та – книгата „Старите кина (киноприкажувањето во Македонија 1897-1954)“.

Сподели