На 81 година, денеска почина Илинденка Петрушева, една од најзначајните филмски критичарки во земјава. Родена во 1944 година во Горна Џумаја, Бугарија, таа се школувала во Скопје и Загреб. Од 1972 година била уредник на филмската редакција во Домот на младите во Скопје (денес Младински културен центар).
Таа е еден од основачите на Кинотеката на Македонија во 1974 година. Таму работеше се’ до периодот од февруари 1999 до август 2001 година, кога е назначена за советник на министерот за култура за кинематографска и драмска дејност. По тој период повторно се враќа во Кинотеката на Македонија, каде работи како советник-филмолог.
Од повеќето општествени ангажмани ќе ги спомнеме: Претседател на Кино-сојузот на Македонија (во неколку наврати), Генерален секретар на Сојузот на филмските критичари на СФРЈугославија (1977-1979), во повеќе мандати член на Советодавниот комитет за култура и уметност на Институтот Отворено општество Македонија итн. Еден е од основачите на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Член е на македонската секција на филмски критичари и член на ФИПРЕСЦИ (Меѓународна асоцијација на филмските критичари FIPRESCI).
Во Кинотеката работеше на повеќе истражувачки проекти од историјата и теоријата на филмот во Македонија. Учествувала на повеќе научни симпозиуми од областа на филмот. Долги години била уредник на Кинотечен месечник, како и главен и одговорен уредник на списанието за историја и теорија на филмот „Кинопис“. Соработувала во повеќе енциклопедиски изданија: Филмска енциклопедија – книга 1 и 2 (Југословенски лексикографски завод „Мирослав Крлежа“, Загреб 1986), Македонска енциклопедија за деца (Детска радост, Скопје 1990), Македонска енциклопедија за млади (Детска радост, Скопје 1995).
Објавувaла и во периодиката: Филм-Фокус, Просветена жена, Вечер, Културен живот, Денес, Премин… Има објавено преку 300 рецензии, осврти, коментари… Објавувала и во специјализирани филмски списанија во Франција, Австрија, Турција, Русија, Југославија, Хрватска, Словенија, Бугарија, итн.
Објавени дела: Филмолошка библиографија 1944-1954 (Кинотека на Македонија, Скопје 1991) и Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000 (Кино-сојуз на Македонија, Скопје 2000), „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (Македонска реч, 2005) и „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (Кинотека на Македонија, 2011). Во 2015 година ја објави книгата „Само сонот е стварност“, а во 2022-та – книгата „Старите кина (киноприкажувањето во Македонија 1897-1954)“.





