Еден од ексклузивитетите ќе бидат наодите од некрополата од Корошишта, кои лани ја возбудија домашната и светската јавност
За еден месец 36 кустоси, конзерватори и документатори, 15 надворешни соработници со помош од останатиот музејски персонал, деноноќно работеа за да ја подготват новата постојана поставка во Археолошкиот музеј во Скопје што официјално ќе биде отворена задутре, а од понеделник ќе биде достапна за целата јавност. На површина од 6.000 квадратни метри, преку изложените 5.000 артефакти распоредени во 18 оддели, тие ќе ја раскажат историјата на Македонија. Еден од ексклузивитетите ќе бидат наодите од некрополата од Корошишта, кои лани ја возбудија домашната и светската јавност. Што ќе донесе новата поставка за посетителите, раскажува Магдалена Манаскова, директорка на Археолошкиот музеј.

Магдалена Манаскова
Археолошкиот музеј беше отворен во 2014 година, но долго време немаше постојана археолошка поставка. Зошто?
– Во 2010 година, со одлука на Владата на Република Македонија беше основана нова национална установа – Археолошки музеј на Македонија, самостојна музејска институција формирана со преземање на стручниот кадар и археолошките збирки од Музејот на Македонија, официјално отворен во 2014. Од објективни причини, 15 години не беше завршен процесот на официјално примопредавање на археолошкиот материјал помеѓу двете институции, што резултираше со големи тешкотии во функционирањето на институцијата. Ова е една од причините што музејот седум години немаше комплетна постојана поставка.

За среќа, наидовме на разбирање годинава и Владата, како и Министерството за култура и туризам интензивно работеа на надминување на овој проблем. Со одлука на Владата за изменување на одлуката за основање на институцијата, од минатиот месец конечно музејскиот фонд на археолошки предмети и археолошки музејски материјали е во сопственост на нашата институција. На големо задоволство на сите вработени, можеме повторно да ја отвориме постојаната музејска поставка, но да реализираме и други проекти и активности поврзани со музејскиот материјал. За само еден месец 36 кустоси, конзерватори и документатори, 15 надворешни соработници, со голема помош од останатиот музејски персонал, деноноќно работеа и успеавме да подготвиме нова музејска поставка.
Задутре ќе биде отворена новата постојана поставка во музејот. Како е конципирана, што ќе биде поразлично од претходната?
– Во период на брзи и фундаментални општествени промени, многу е природно, а и препорачливо луѓето што директно се поврзани со музејската дејност да си ги поставуваат прашањата: Зошто постои овој музеј? Колку е релевантен и колку одговара на потребите и состојбите во општеството во кое егзистира? Која е неговата главна задача и како се мери неговиот успех? Трагајќи по одговорите, почнавме да развиваме нов концепт, малку поразличен од претходниот. Основна цел на Националниот археолошки музеј и она кон што се стремиме е да креираме музеј што постои за посетителите, а не за луѓето кои работат во него. Затоа се концентрираме на оние аспекти кои најдиректно придонесуваат да ги привлечеме и задоволиме посетителите. Сакаме одењето во музеј да го претвориме во активно искуство без да ја нагласуваме премногу намерата за едукација.

Мегарска чаша со сцена од Тројанската војна
Како археолошки музеј, наша основа се предметите од минатото, а дијапазонот на мисли и емоции што може да ги содржи еден предмет е многу широк. Не постојат две човечки битија кои ќе го доживеат искуството на идентичен начин. Целта ни е да креираме тивка, релаксирана атмосфера, место за одмор, место за фантазирање и контемплација. Затоа восочните фигури ги сместивме во делот за едукација, а главни ѕвезди на поставката се археолошките предмети. Тоа е она што сакаме посетителите да го запаметат кога ќе излезат од музејот. Информациите ги пласираме слоевито, имаме предвид дека постои граница колку некој може и сака да научи при посетата. Она што се бара од музеите денес е многу посуптилно и покорисно – да се навести идејата, да се потсети посетителот дека музејските предмети егзистираат како мостови меѓу минатото и сегашноста и дека нашите предци имале уверувања различни од нашите.

Графички приказ на новата концепција
Во денешно време информациите ги добиваме од многу различни извори. Она што не може да се добие без да се посети музеј е магијата на предметите и чувствата што тие ги предизвикуваат. Успешен избор на предмети, внимателно селектирани, им дозволува на посетителите да апсорбираат одредени информации без многу текст и придружни елементи. За збирките да можат да ја исполнат својата улога на комуникација со минатото, тие мора да се поврзат со посетителот и емоционално, не само интелектуално. На површина од 6.000 квадратни метри, преку изложените 5.000 артефакти распоредени во 18 оддели, сакаме да ја раскажеме историјата на нашата земја, но и да креираме вредности.
Еден од ексклузивитетите е излагањето на материјалот пронајден лани во селото Корошишта, Охридско- струшко. Колку и кои предмети решивте да ги вклучите во поставката? Како ќе изгледа овој дел?
– Домашната, но и светската јавност остана импресионирана од минатогодишното откритие на колегата д- р Перо Арџанлиев и неговиот тим. Се сложивме дека за разлика од праксата во минатото, ќе се потрудиме колку што е можно побрзо овие ексклузивни наоди да ги презентираме пред јавноста. Со средства обезбедени преку годишната програма на Министерството за култура и туризам за финансирање на проекти од национален интерес, во рекордно време се завршија конзерваторските истражувања и се изработи проект за конзервација на 112 предмети.

Повеќе од половина се готови и ќе бидат презентирани во времената изложба насловена „Архајската некропола во Корошишта – случајно откритие со големо значење“, чии куратори се Перо Арџанлиев и Илија Бошковски. Понатаму ова богатство ќе добие соодветно место во рамките на постојаната музејска поставка.
Не се случува често толку брза конзервација на нов пронајден археолошки материјал да е вклучен во постојана поставка. Како помина овој процес, колку конзерватори беа вклучени во работата?
– Токму така, но не се случува често и откритие од овие размери. Проектот за конзервација се реализираше во соработка со Заводот и музеј Охрид, а работеа вкупно четворица конзерватори од двете институции. Морам да ја истакнам нивната работа и посветеност, но и потребата од ваков кадар во институциите. Процесот ќе продолжи и понатаму, а ќе продолжат и археолошките истражувања на некрополата, која според наодите, но и според гробната архитектура, не само што ѝ парира, туку има тенденција и да ја надмине далеку попознатата Требенишка некропола.

Во постојаната поставка ќе биде застапен и дел од материјалот на Музеј на град Скопје. Што преземате од оваа колекција, дали презедовте материјал од други музеи низ Македонија со оглед на тоа што станува збор за постојана поставка на матичниот музеј?
– На наше големо задоволство, Музејот на град Скопје, но и Градскиот конзерваторски центар од Скопје ја поддржаа нашата идеја во постојаната музејска поставка да вклучиме наоди од Скупи. Ќе бидат изложени вкупно 161 предмет од истражувањата на градот Скупи и некрополите, меѓу нив и ексклузивни предмети кои јавноста ќе ги види за прв пат. Презедовме материјал и од музеите во Штип, Велес, Гевгелија и Охрид.

Предмети пронајдени на Скупи
Бројката од близу 18.000 посетители во првите шест месеци од годината оди во прилог на нашата теорија дека токму во Националниот археолошки музеј најзначајните пронајдоци од државава ќе допрат до најмногу луѓе. Би ја истакнала и ажурноста на Управата за заштита на културното наследство, како и соодветните одделенија при Министерството за култура и туризам кои експедитивно ги завршија админитративните процедури поврзани со овој процес.
Во каква состојба се изложбените простории и депоата? Имаше ли потреба од санација?
– На наше барање стручни лица од Конзерваторскиот центар од Скопје извршија увид во состојбата на институцијата. Врз основа на нивниот извештај започнаа подготовките за оспособување на изложбениот простор за новата постојана музејска поставка. Се утврди дека голем дел од инсталациите, но и идејните решенија, како на пример таванот, директно влијаат и на безбедноста на институцијата. Затоа следната година планираме повеќе проекти во оваа насока. Што се однесува до депото како еден од најважните делови на музејот, интензивно се работеше на обезбедување на соодветни услови за чување на материјалот и овој проект е веќе при крај. За следната година планираме да обезбедиме услови за непречена работа на кустосите во овој оддел на музејот.

Конзервација на предметите од Корошишта
Сè уште се работи на адаптација на дел од музејот каде ќе бидат сместени античката и средновековната нумизматика, се надеваме дека до крајот на годината и овие збирки ќе бидат отворени за посетителите. Моментално се изложени остави на монети од различни периоди. Ќе се преадаптира и дел од музејот кој ќе биде наменет за времени изложби. Решивме да не чекаме сите овие активности да завршат, затоа што тоа подразбираше музејот да биде затворен за посетители подолг временски период.
Колку водичи ќе бидат вклучени во поставката, дали ќе има аудио- водичи, вклучени ли се модерни алатки во поставката, како виртуелна реалност или вештачка интелигенција? Што да очекува публиката?
– Бидејќи најголем дел од нумизматичката поставка е сè уште во изработка, почнавме да работиме на апликација за мобилни телефони преку која посетителите ќе имаат пристап до монетите од нашата колекција. Апликацијата ни ја изработи агенцијата за изработка на мобилни апликации OVDEVO од Охрид и ќе биде бесплатна. На дел од витрините се поставени QR кодови кои водат кон приказни и повеќе информации за изложените предмети. Следниот месец ќе ги ставиме во функција аудио- водичите (со оглед на тоа дека мора да се адаптираат на новата поставка). За следната година е планирана реализација на проектот за виртуелна реконструкција на т.н. „Голема Мајка“, кој претставува иновативна иницијатива во доменот на дигитализацијата и интерпретацијата на културното наследство. Главна цел е научна и визуелна реконструкција на најпознатиот артефакт од неолитскиот локалитет Тумба Маџари – антропоморфниот модел на куќа познат како „Големата Мајка – преку создавање на имерзивно искуство во виртуелна реалност.

Предмети пронакдени на Тумба Маџари
Што се однесува до водичите, во музејот се вработени тројца водичи и имаме двајца надворешни соработници. Се надеваме дека наскоро ќе се вработат уште најмалку двајца, за да се задоволат потребите на институцијата. Кадровската екипираност мора да се зголеми во делот на конзерватори, документатори, едукатори и се разбира кустоси. Почна процесот на внатрешна реорганизација и отворање на две нови одделенија – за подводна археологија и за современи археолошки науки и технологии. Сакаме да креираме отворен, достапен и инспиративен простор за сите генерации. Наспроти тивката атмосфера, не планираме музејот да биде тивка институција, туку жив организам кој комуницира со својата публика – преку нови изложби, дигитални алатки, програми за деца и ученици, научни истражувања и меѓународна соработка. Реотворањето е само почеток на една приказна што постојано ќе се ресоздава, музеј во движење, а не завршена цел.
Фото: Археолошки музеј





