За „Вера сонува за морето“ Калтрина Красниќи освои награда за најдобра режија

Калтринa Красниќи, режисерката на филмот „Вера сонува за морето“, во кој Македонија е копродуцент, ја освои наградата за најдобра режија „Автори под 40“. Красниќи ја освои наградата во рамките на програмата Venezia a Napoli. Il cinema esteso која се организира во соработка со престижниот Филмски фестивал во Венеција.

Жирито во своето образложение вели:

– Наградата се доделува за начинот на кој раскажува преку силата на жените, комплексната врска помеѓу старото и новото, во земја што се обновува: селото и градот, патријархатот и потребите на младите генерации. Режијата ги води со прецизност и кохеренција аспирациите за правда на мајка и ќерка, оставајќи на крај можност да се постават прашања и предизвици за иднината на цело општество и национален идентитет“.

Оваа награда е посветена на италијанската режисерка и сценаристка Валентина Педичини, која почина во ноември минатата година, на 42 години. Целта на наградата е да се сочува споменот за оваа авторка, со оглед на тоа дека таа остави белег со храбра, етичка и деликатна визија на филмот.

Две награди се доделени на жени авторки под 40 кои се истакнуваат со нивниот талент во режирање, пишување сценарио, монтажа и фотографија, а се дел од програмите „Хоризонти“, „Хоризонти Екстра“ и др.

Красниќи ќе биде дел и од уметничка резиденија во Наполи, каде ќе се сретне со публиката и ќе има проекција на „Вера сонува за морето“.

Филмот, кој е копродукција помеѓу Косово, Албанија и С.Македонија, имаше премиера завчера на Венецискиот филмски фестивал. Македонски продуцент е Огнен Антов од „Дрим фектори“.

 

Сподели