За маестро Џамбазов – со многу љубов и пиетет кон музичкото наследство што ни го остави (ГАЛЕРИЈА)

Достоинствено и со многу љубов – така беше одбележано само парче од обемното и вредно творештво на маестро Александар Џамбазов синоќа во преполната сала на Филхармонијата. Оркестарот на нашиот филхармониски состав, во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија, а под диригентство на Џијан Емин ни приреди топла музичка приказна на која не можеше никој да одолее.

Во секоја нота од партитурите на маестро Џамбазов се насетуваше со колку пиетет и восхит ја изведуваат музичарите и сите учесници. Видно среќен и благодарен за гестот на Филхармонијата, синот на Александар Џамбазов, актерот Игор Џамбазов ја поздрави публиката со неколку анегдоти поврзани со неговиот татко, а прочита и негов расказ посветен нему.

Концертот го отвори пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска со Седум танцови варијации за пијано и симфониски оркестар. Пијанистот, пак, Иво Настевски ја изведе „Рапсодија за Скопје“ (1966).

Елена Атанасовска-Ивановска

Вокалистите од прв до последен беа извонредни и со многи почит кон делото на Џамбазов, но и кон публиката. Таа енергија се чувствуваше и кај оркестарот на Филхармонијата и диригентот Емин.

Од вокалистите прва настапи Антониа Гиговска со прекрасната изведба на „Охрид и јас“ (оригинално изведена од Миро Унгар), композиција од 1970 година. Александар Тарабунов со многу жар ја изведе „Љубов неверна“ (оригинално испеана од Зафир Хаџиманов). Посебно до публиката допре Никола Перевски-Пере со „Само ти“ (оригинално испеана од Зоран Милосавлевиќ во 1971 година), а убавата вечер ја заокружи Наде Талевска со „До видување“, песна оригинално испеана од Јосипа Лисац во 1969 година на Скопскиот фестивал.

Антониа Гиговска

Оркестарот ги отсвири: Реминисценција, Југо саунд, Балада за Шпато, Марциале Малигано. Посебно соло што ја одушеви публиката беше тоа на Петар Христов – алт саксофон во композицијата „Балада за Шпато“.

Џијан Емин му се заблагодари на маестро Александар Џамбазов за сè што ни остави како музичко наследство.

Концертот беше доказ како треба да се негува богатото културно наследство што го имаме и како не треба да ги забораваме, а и да ги учиме новите генерации за корените, за вредностите што некој пред нас ги оставил.

Фотографии: Маја Аргакијева

Сподели