Пишува: доц. д-р Никола Настоски
Театарот е место каде се случуваат многу работи паралелно, театарот е момент, театарот нема реприза во вистинската смисла на зборот, театарот е живот, театарот е во живо, театарот е контакт, театарот е… Томас Остермаер во едно интервју изјавува – „Што е моќта на театарот? Зошто е значајна уметничка форма? Јас верувам дека е значајна уметничка форма, затоа што луѓето го делат истиот простор и тоа што се случува, се случува точно пред нивните очи токму во тој момент. Значи е многу убава репрезентација на животот, затоа што и животот се случува само во еден момент и потоа го нема, мртов си, го нема. Театарот е роден и умира секој пат, кога завесата се спушта тоа е крајот, готово е. “ Но, во еден момент сѐ тоа стана небитно, се замре…
Пандемија??? Нема контакти во живо. Карантини. Нема ништо. Што е театарот? Во еден разговор Ен Богарт ја дава споредбата на театарот и триножникот, цитирам – „Се сеќавам дека еднаш брилијантниот Роберт Брустeјн рече дека на театарот му требаат три работи: 1. Страст, 2. Техника и 3. Нешто да каже. Кога го кажа тоа си помислив дека е навистина во право, и си помислив на столче за молзење – триножник, дека доколку една од тие три работи фали, тогаш столчето паѓа. Ако немаш што да кажеш, тогаш твојата техника не е битна, твојата страст не е битна, едноставно нема да функционира. А она што ние сега мора да го гледаме е техниката, затоа што ја немаме потребната техника за светот во кој зачекоруваме, затоа ќе мора да ја откриеме.“ Во ова свое интервју Богарт многу точно ја посочува единствената работа која на театарот му недостасуваше во целиот тој период.
Затоа како за првпат по многу долго време театарот наеднаш доби толку силна желба да има нешто да каже, со самото негово откинување од континуитетот ги стави уметниците во состојба на разгорена страст, но ја изгуби техниката, го изгуби начинот на кој го препознаваме и работиме откако знаеме за себе си. И оттука произлезе прашањето – Што сега? Што значи театар во овој нов свет? Ричард Шекнер за ова вика дека ќе му биде драго кога пандемијата ќе биде завршена, затоа што смета дека учеството, колку и да е поттикнувачко со она што го правиме сега, зборувањето на ЗУМ на пример, но дека не треба да се откажеме од мирисот, вкусот и допирот, дури и кога би можело да се направи интернет врска која би овозможила да посегнеме и да допреме, да помирисаме, да вкусиме, тој смета дека сепак не би било исто како вистинското физичко, еротско, сензуално, сексуално, мирисање и допирање. Тој смета дека сега се привилегираат ушите и очите, а се изоставаат носот, устата и кожата од тие интеракции и смета дека тоа е во ред до таму до каде што стигнува, но исто смета дека не стигнува далеку.
Театарот ја промени својата форма, се разбира не по своја желба. Но, доколку погледнеме низ историјата театарот секогаш бил флексибилен и се адаптирал на уловите. Па така е и сега. Она што можеше да се забележи на почетокот на пандемијата беше тишината. Настана тишина на секое поле, бевме загрозени како вид, па секој вид кога има животозагрозувачка ситуација се става себе си во позицијата – „Fight or flight“ (Да се бори или да се бега). Моментот кога треба видот да одлучи дали ќе потклекне под околностите и ќе се бори за својот опстанок или ќе проба да избега не знаејќи за последиците од тоа бегство. Театарот и сите оние во него, или не баш сите, решија дека треба да останат и да се борат, да бараат начини да преживеат и да видат што значи тоа останување, кои се техниките со кои сега театарот може да опстане, да се работи, па дури и за тие кои решиле да бегаат.
Во овој текст јас како автор пишувам од прво лице затоа што многу од работите кои се кажани, се работи кои се мое лично искуство од справувањето со театарот во пандемиски услови. Како што зборувавме и погоре, она што беше почетен импулс, после периодот на стагнација и премерување на силите, тргна од таму дека сега е време нешто да се преземе, да се работи, да видиме што може и како може. Една мала група на луѓе, меѓу кои и јас, решивме дека ќе работиме. Не знаевме како, но знаевме што. Групата беше следнава, режисер – Нела Витошевиќ, актерска екипа – Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Исмет Шабановиќ и јас – Никола Настоски. Девојките се собрале малку пред да не повикаат нас, момциве, нашле текст и си почнале со работа, па не повикаа нас. Се сеќавам на првиот разговор со Нела:
– Здраво.
– Здраво.
– Како си? Се надевам добар, се надевам дека не си бил во контакт.
– Супер сум, сум немал контакт со никој, не сум се видел со никој скоро две недели, а излегувам од дома само за да го шетам Арто.
– Сакаш да работиме?
– Сакам.
Отприлика ова беше разговорот. Прифатив, иако не знаев ни што прифаќам, иако најверојатно во тој стадиум и Нела не знаеше што нуди за прифаќање, но едно беше јасно, оваа мала група сакаше да работи. Ни беше веќе смачено од тоа да седиме неколку месеци дома и сѐ на што мислиме и сѐ за што зборуваме е пандемијата, ни требаше да работиме како никогаш до тогаш. Имавме СТРАСТ, имавме многу ШТО ДА КАЖЕМЕ, па влеговме во потрага по техниката за тоа како ќе го кажеме тоа што имаме да го кажеме. Си почнавме со проби, се разбира на ЗУМ, тоа беше тој свет. Но, се покажа дека со споделување на екранот и тоа што сите гледаме еден ист текст и пишуваме исти забелешки, имаме навистина попродуктивен процес на „маса“. Дека читачките проби ни одат некако поконцентрирано, насочено. Си работиме, си анализираме, си дискутираме, градиме ликови, градиме замислени сцени, градиме подлога за нешто што уште не знаме што е. До овој момент можам да речам дека освен тоа што сме на ЗУМ, ние си имаме еден многу стандарден театарски процес.
Стигнуваме до крај на анализата и Нела покренува иницијатива да се почне со мизансцен – препрека број еден. Почнуваме да дискутираме што е мизансцен во овие околности. Се договараме дека секој ќе ги сними сопствените реплики и дека така како што сме поделени по парови во сцените секој на својот партнер ќе му ги испрати своите реплики и оттука ќе пробаме да снимиме некаков материјал. Но, како се работи партнерска сцена без притоа да имаш реален партнер покрај себе – препрека број два. После долги експерименти со тоа каква форма треба да имаат сцените, после водството од Нела и нејзиниот јасен поглед кон што цели со процесот, стигнавме до некаков снимен материјал, сцените добија некаква форма, добија живот. Но, што со тие сцени, како тие сега веќе виртуелни сцени стануваат претстава – препрека број три.
Подоцна во процесот влезе и Васил Христов – Вуси како монтажер на тој материјал и на крај и Огнен Анастасовски кој ја направи музиката. Васил, заедно со Нела, составија една театарска претстава од снимени сцени. Да, снимен материјал, да, не е во живо. Некој ќе рече тоа не е театар и можеби ќе биде во право. Но, пак се навраќаме на прашањето – А, што е театар во време на пандемија? Она што ние го работевме беше театарски процес, не филмски, тоа како ние ги снимавме сцените и каков однос имавме со нашите партнери беше театарски, а не филмски однос. Сѐ она што излезе како снимен материјал, не е филмски материјал затоа што никогаш не зборувавме со филмски јазик, зборувавме со театарски јазик. Наидовме на класификации од типот на видео арт, визуелен перформанс, експериментален филм, телевизиски филм и уште многу други. Но, она што ние како екипа го поминавме, за нас, беше театарски процес, ние создававме театар така како што знаеме и умееме со единствените алатки кои ни беа во рацете.
Низ многу сериозни разговори за тоа што ние правиме и како треба да се класифицира нашето дело, решивме дека ќе се вика ВИРТУЕЛНА ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА, тоа беше наша класификација. Не знаевме дали е точно, но нам ни беше, па решивме дека така и ќе биде, а понатаму некои на кои тоа им е работа нека анализираат, нека дискутираат, дебатираат за тоа колку е тоа театар; за нас беше и еве и после толку време и откако веќе повторно сѐ функционира нормално, тоа за нас сѐ уште е театар. Најголемиот проблем на теоретичарите и аналитичарите беше тоа што нашата виртуелна претстава не е во живо. Нешто што и ние го дискутиравме навистина многу – препрека број четири. Решивме дека нема да биде во живо затоа што ефектот на тоа дека претставата е во живо е веќе невозможен, ниту ние како актери ќе имавме публика во живо, ниту публиката ќе имаше изведба во живо, па оттука и тоа дека преносот во живо ќе одземе голем дел од визуелната реализација, ќе одземе голем дел од тоа што оваа претстава може да биде, па така одлуката за тоа дека сепак тоа е снимен материјал беше донесена. Визијата на Нела, со која успеа да ја состави и обедини оваа екипа, беше дека ние ќе си работиме театар, па да видиме кон што тоа ќе нѐ одведе, така ги срушивме сите препреки, така тргнавме и стигнавме до резултат на кој сме навистина горди.
Најбитното нешто за целата екипа од овој процес, беше тоа што ние работевме, создававме во период кога најголем дел од светот чекаше нешто да се случи, пандемијата да заврши, но ние решивме дека тоа нас ќе ни даде мотивација, па така се роди „Илузии“ – нашата виртуелна театарска претстава. Па да видиме што ќе биде со театарот сега откако пандемијата е при крај, што треба да се промени, што од изминатите години допринело за одржување на театарот, која е неговата улога во едно ново постпандемиско општество.
Тоа се разбира не застана тука, затоа што пандемијата зеде нов залет и она што се очекуваше дека ќе трае кратко, премина во период од две години. Па, така оваа мала група реши дека ќе создава втор проект, но тој втор проект нема да биде како претходниот. Нела со нова идеја, да се работат раскази од Хармс, затоа што кој друг би го опишал ова време подобро отколку апсурдот на Хармс. Па, така секој од нас си зеде по расказ или два и секој имаше за задача со Нела да создаде по една кратка сцена, а проектот си го доби името „Дневна Доза Апсурд“, кратки сцени кои имаа своја премиера во неколку последователни денови, споделувани по социјалните мрежи.
Кога станува збор за моето искуство со наставата и студентите, тоа беше сосема различно. Како предавач на практичен предмет префрлањето на наставата на дигиталните платформи нѐ стави сите во една позиција да мора да наоѓаме начини како да одработиме барем дел од предметната програма и да си го поставиме прашањето за тоа кои се приоритетите на нашите предмети. Мојот предмет е Техника на глас, што значеше работа со глас во пандемиски услови? Па, тоа беше еден комплициран процес. Гласот е алатка која бара континуитет, бара посветеност и бара простор. Зошто простор? Затоа што гласот без простор закржлавува, се собира, се адаптира на условите. Првиот проблем на кој наидовме со студентите беше тоа што ние веќе изгубивме континуитет. Веќе навлезени околу месец и нешто во семестарот и наеднаш стоп, две недели нема ништо, сите сме дома и чекаме. Што чекаме? Никој не знае. Јас на своја иницијатива ги повикав студентите да почнеме со онлајн средби и да видиме што можеме да работиме.
Потрошивме неколку средби за да сфатиме како воопшто функционираат платформите, но откако тоа се среди стигнавме до прашањето – А што можеме да работиме сега? Тргнавме со помислата дека е исто како да сме на ФДУ на сцена, дека ќе ги работиме вежбите и задачите идентично исто. Но, не беше така. Студентите почнуваат со вежбите, па некому интернетот му паднал, кај некој кочи, некој не слуша, некој нема камера, некој не е сам дома и не може да вика, комшиите спијат итн. Проблеми од сите страни. Она што требало да биде синхронизирана вежба, сега стана какафонија. Таму каде требало да се пушти глас и да се добие убав волумен, сега комшиите тропаат по ѕидови дека е гласно. Таму каде требало јас да чујам и да проценам дали студентите ја прават вежбата добро или не, имало лоши микрофони, лоши звучници и не сум можел добро да проценам. Па, на крај јас сфатив дека не оди, дека мора да се направат промени во програмата и да видиме што е навистина изводливо да се работи. Оттука тргнавме со вежбите за дишење, не се бучни, не зависиме од интернетот, микрофоните и звучниците, совршен план. И така, работиме со студентите на дишење неколку недели, во меѓувреме наставата целосно се префрла онлајн и сите чекаме да видиме до кога ќе биде така. После неколку недели исполнети со разно разни вежби за дишење, веќе е време да се работи нешто друго, но како? Наставата е сѐ уште онлајн, нема услови за друго. Па преминуваме на ново ревидирање на програмата и што има смисла, а што не. Среќна околност, мало релаксирање на рестрикциите, може да се одржува настава во живо, но само индивидуална и притоа само на отворено.
Радосни сме сите, решаваме сите едногласно, одиме во живо. Дворот на ФДУ, јас, една масичка, столче и чекам студенти, еден по еден, секој има термин од по 15 минути, со 5 минути пауза помеѓу за и тие да не се среќаваат и да се стават во ризик. Стоиме на оддалеченост од 5 метри, тие ги прават вежбите, јас давам забелешки колку можам, затоа што е ладно, Ноември е. Но, исто така две средби од по 15минути неделно со секој студент, не е доволно, а е единствената опција барем нешто да се сработи. Нови мерки, повторно забрана за физичко присуство, се враќаме на ЗУМ. И сѐ ова така се врти во круг со недели, малку со физичко присуство, малку на ЗУМ, на сите ни се смачува, но нема друга опција. На крајот на семестарот решаваме да правиме комбиниран испит, дел од техничките вежби да одат во живо, еден по еден со сите протоколи и еден дел да биде онлајн во некаква креативна форма.
Сѐ она што јас, како актер и предавач на практичен предмет, го научив од сите искуства за време на пандемијата беше тоа дека актерот кога сака да работи, секогаш може да најде начин. Дека техниката за создавање на нештата можеби се променува, но мотивацијата, страста, поривот да се каже нешто е она што може да те доведе до одредени резултати. Секогаш е опцијата да се седи на сигурно, да се чека нештата да се вратат во нормала, но што е користа од сето тоа. Нели секое едно ново време си носи одредени предизвици кои ние како генерации кои живееме во тоа време треба да ги прифатиме и да работиме заедно со нив. Ова што пандемијата го наметна е тоа дека нема физичко присуство, дека нема допир, дека нема директна комуникација помеѓу актерите и гледачите, помеѓу професорите и студентите, но она што пандемијата го овозможи, се улови за создавање на нешто ново. Да видиме што значи театарот без основната алатка, бидувањето во ист простор. Виртуелниот простор стана тој ист простор, но како театарот да се оддели од сѐ останато што веќе живеело во тој простор и пред пандемијата, форми на кои тој простор им е нормалната средина, а за театарот е абнормална, нова, страна, одбивна. Ние решивме дека нема да чекаме пандемијата да помине, дека ќе го користиме тој период за промени, кои на театарот му беа и тоа како потребни, за да се размрда од зачмаеност, од својата комфорна зона. Првата претстава со физичко присуство која истиот тој тим ја создаде во новиот постпандемски свет имаше траги од сѐ она низ што тој тим поминал, траги од пандемијата, траги од создадените дела. И тој процес го имаше својот прв дел на ЗУМ платформата, но реализацијата на претставата беше на класична театарска сцена. Она што го потенцирам е дека доколку овој тим не ги создадеше сите работи на кои работеше за време на пандемијата можеби немаше ни претставата „Работи за кои не зборуваме“ воопшто да постои. Тоа беше патот на еден тим кој реши дека ќе работи и покрај сѐ.
Она што јас го извлеков како предавач од цел овој пандемиски период е тоа што студентите се жилави и такви треба да бидат. Таа нивна жилавост треба да се насочува кон креативни изблици и да се негува.
Театарот постоел, постои и се разбира дека ќе постои уште многу долго време. Иако театарот е чин кој се случува во моментот, сепак докажа дека може да го издржи тестот на триножникот.
Текстот е дел од меѓународната конференција „Промена на перспективите – театарското и филмското образование во време на пандемија“, што се одржа во рамките на 30. „Скомрахи“ во Скопје