Втор жолт картон за Охридскиот Регион – УНЕСКО даде уште 2 години да се подобри состојбата

„Охридскиот Регион е голем и комплексен локалитет и неговото управување не е едноставно, особено што опфаќа територија во две земји. Северна Македонија и Албанија почнаа да соработуваат за подобрување на состојбата на заштитеното подрачје и со поместувањето на Листата на светско наследство во опасност само ќе ги демотивираме“. Ова беше дел од образложението на претставникот на Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина кој му предложи на Центарот и на советодавните тела на Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите Нации да им дадат уште две години на Македонија и Албанија да ги спроведат препораките во извештаите на Реактивните мисии на Комитетот за Светско наследство на ОН.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, посочи дека нашата земја покажала истрајност и подготвеност да ги исполни препораките и забелешките на УНЕСКО и побара продолжување на роковите за да можат двете земји да ги исполнат обврските за дополнителна заштита на светското културно и природно богатство.

Предлогот на БиХ да се продолжи рокот за две години го поддржаа делегатите од Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Гватемала. За поместување на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност гласаа националните комисии на Норвешка, Бахреин, Австралија, кои се изјаснија дека тоа ќе ги мотивира во напорите за спроведување интегрирани мерки и активности за елиминирање на регистрираните закани. Нивните ставови ги поддржуваат и невладини организации кои тврдат дека сдвете земји немаат капацитет сами да се справат со деградација на вредностите на Регионот и потребна е итна екпертска помош.

Експертскитe тела на ИУЦН (за природно наследство) и ИКОМОС (за културно наследство) во ревидираните одлуки посочуваат дека изминатите години се исполнети дел од препораките содржани во извештаите на реактивните мисии, некои делумно или недоволно спроведени додека голем број од нив воопшто и не биле адресирани.

Делегатите завчера изгласаа отстранување на приморскиот трговски град во Ливерпул од листите на светско наследство откако повеќе години беше на Листата на светско наследство во опасност. На оваа листа до завчера се наоѓаа 53 локалитети. Ливерпул стана третиот локалитет избришан од листите во историјата на УНЕСКО – по културниот пејзаж од 18 и 19 век на Долината на Елба кај Дрезден, Германија и Резерватот на Арапскиот орикс во Оман.

Насловна фотографија: Pixabay

Сподели