Коj од Македонија освоил олимписки медал за Југославија?

Летните олимписки игри 2020 почнуваат денеска во Токио и ќе траат до 8 август. Игрите одложени поради ковид-пандемијата, се можеби најочекуваниот голем светски настан. Олимпијадата ќе вклучува 33 спортови на 339 настани на 42 локации. Игрите ќе се одвиваат без присуство на публика. На отворањето ќе има помалку од 1000 луѓе, пишува Би-Би-Си.

Од 1991 година наваму, независна Македонија најмногу учесници на Летните олимписки игри имала во Атланта (1996)  – 11, најмалку 4 во Лондон (2012). Македонскиот тим годинава го сочинуваат: таеквондистот Дејан Георгиевски и борачот Магомедгадџи Нуров (обајцата со олимписка норма), атлетичарот Јован Стојоски, каратистката Пулексенија Јованоска, стрелачот Борјан Бранковски, џудистката Арбреша Реџепи и пливачката Миа Блажевска – Еминова (со вајлд-карти).

Могамед Ибрагимов

Единствениот Македонец што освоил медал за Македонија, од осамостојувањето, е Могамед Ибрагимов, на Олимпијадата во Сиднеј 2000 година во борење, слободен стил до 85 кг.

Вкупно шест бронзени, пет сребрени и два златни медали освоиле Македонци претставувајќи ја Југославија. Република Македонија, како самостојна независна држава за првпат на Олимписките игри настапила во 1996 година. Во периодот од 1920 до 1992 година, македонските спортисти настапувале во состав на репрезентацијата на Југославија.

Кој се освоил олимписки медал во индивидуален или тимски спорт до пред осамостојувањето на нашата земја?

Фудбалскиот голман Благое Видиниќ освоил златен и сребрен медал во фудбалската репрезентација на Југославија (златен – во Рим 1960) и сребрен – во Мелбурн 1956 година.

Кошаркарот Благоја Георгиевски – Буштур, кој почина во јануари минатата година, во Монтреал 1976 година со југословенската репрезентација освои сребрен медал.

Шабан Сејдиу освои бронзени медали во борење во Москва 1980 година и Лос Анџелес 1984

Реџеп Реџеповски – освои сребрен медал во боксување на Летните олимписки игри во Лос Анџелес 1984 година.

Милко Ѓуровски е фудбалер, кој за репрезентацијата на Југославија во 1984 година во Лос Анџелес освоил бронзен медал.

Стојна Вангеловска освои сребрен медал за женската кошаркарска репрезентација во Сеул 1988. Таа е единствената жена што освоила олимпски медал од Македонија.

Трстена освоил златен медал (1984) и сребрен (1988)

Сподели