Врвни европски археолози на конференција во Охрид

Охрид е домаќин на третата интернационална конференција „Перспективите на балканската археологија (ПеБА)“ која ќе се одржи од денеска до сабота. Во фокусот на конференцијата ќе биде „Механизмот на моќта во бронзеното и железното време во Југоисточна Европа“.

– Интересот за научното истражување на темата елита и моќ во Југоисточна Европа започнува со откривањето на т.н. кнежевски гробови и извонредните наоди пронајдени на некрополата Требениште и висорамнината Гласинац кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Овој тип на погребувања постојано се поврзуваат со сличен феномен во Централна Европа за кои биле користени различни пристапи за нивно објаснување – вели археологот м-р Перо Арџанлиев.

Конференцијата ја организираат врвни научници од областа на археологијата од Европа: д-р Марио Гавранович од Австриската академија на науки во Виена, д-р Даниела Хајлман од Универзитет Лудвиг Максимилијан во Минхен, д-р Марек Верчик од Институт за класична археологија при Карловиот Универзитет во Прага во соработка со м-р Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на РСМ во Скопје.

Воведно обраќање на отворањето на конференцијата ќе има проф. д-р Христо Попов, директор на Националниот археолошки институт и музеј при БАН во Софија, Бугарија. Помеѓу учесниците на третата по ред ПеБА има претставници од Австрија, Албанија, Белгија, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Србија, Турција, Хрватска, Чешка, Швајцарија и Северна Македонија. Конференцијата за прв пат се одржа во 2016 година во Сараево, Босна и Херцеговина, потоа во 2017 во Белград, Србија. Настанот е поддржан од Универзитетот за информатички науки и технологија, „Св. Апостол Павле“ во Охрид, Општина Охрид, Дебарско-кичевската епархија, винарија „Стоби“ и „Кожувчанка“. Повеќе информации за конференцијата на линкот.

Сподели