Врвни американски археолози заинтересирани да го истражуваат Градиште-Бислим кај село Пчиња

Проф. Флорин Курта е еден од водечките истражувачи на раниот среден век, познат по книгата Создавањето на Словените“ (Making of the Slavs) издадена на Кембриџ

Реномираниот Универзитет „Флорида“ од Мајами, САД сака да организирање археолошки камп на локалитетот Градиште во Бислимска Клисура, кај селото Пчиња. Понудата деновиве стигнала до Музејот во Куманово. Интересот на американскиот тим е резултат на соработката на проф. Флорин Курта со претставници од кумановскиот Музеј и на неговите предзнаења на овој локалитет кој е специфичен и важен по многу работи.

– Понудата се состои во организирање на универзитетски археолошки камп од десетина студенти по археологија кои би се приклучиле на истражувањата на Музејот Куманово во 2026 година. Се предлага и понатамошен развој на проектот преку вклучување на поголем број специјалисти од повеќе дисциплини во истражувањето, како и размена на студенти, доколку постои интерес кај нашите образовни институции – велат од Музејот од Куманово.

Во моментот, Универзитетот работи на овој принцип во Италија, каде што проектот завршува во 2025 година.

– Со тоа, нашиот заеднички проект ќе претставува втора поголема соработка на македонските институции со американски универзитет од осамостојувањето на Македонија. Слично функционираше и истражувањето на Коњух со Гетисбург Колеџ и Музеј на Македонија. Веруваме дека овој метод на работа ќе се користи подолг временски период – велат од Музејот.

Археолозите пред половина година пронајдоа рака на светец, насликана на фреска во црква од 5 век Градиште-Бислим, во селото Пчиња. Иако се работи за мал фрагмент, тој недвосмислено кажува дека во тој дел од црквата имало насликано фигура на светец, велат археолозите. Пронајдокот фрла нова светлина на ранохристојанскиот период во Македонија.

Фигуралните, односно човечките претстави во ранохристијанското сликарство се исклучително ретки. Кај нас, најсочувани такви претстави од овој период потекнуваат од крстилницата во Стоби, град кој бил еден од најважните и најголемите епископски центри во римска Македонија. Сознанието дека ранохристијанската црква откриена во селото Пчиња била украсена со претстави на светители, односно човечки фигури, претставува огромно изненадување за научната јавност. Не само поради навидум тешкиот пристап на овој предел до главните патни комуникации (а со тоа и до цивилизациските текови), туку и поради непостоење на вакви наоди во многу поголеми и позначајни ранохристијански црковни седишта во регионот и пошироко. Од друга страна, пронајдениот престол во олтарот исто така сугерира дека ова црква веројатно имала повисок статус отколку што претпоставувавме на почетокот од истражувањето – рече раководителот на ископувањето, Дејан Ѓорѓиевски, археолог од Музејот во Куманово.

Проф. Флорин Курта е еден од водечките истражувачи на раниот среден век, познат по книгата Создавањето на Словените“ (Making of the Slavs) издадена на Кембриџ, каде што ја преиспитува и негира т.н. голема преселба на народите и сфаќањето на Словените како компактна етничка целина. Обединетата македонска дијаспора веќе е заинтересирана да се приклучи и да ја поддржи иницијативата преку повеќе програми кои има можност да ги спроведе како организација, независно од универзитетската програма.

Во најскоро време очекуваме да излеземе на терен и да продолжиме со годинашните планирани ископувања на овој локалитет, кои за жал, повторно ќе бидат во најмал обем, поради скромните средства од 2.500 евра кои Министерството за култура ги доделува втора година по ред – велат од Кумановскиот музеј.

Фото: Музеј во Куманово

Сподели