Europe House Струга од годинава покровител на наградите „Енхалон“ и „Млада Струга“

Делегацијата на Европската Унија од оваа година ќе биде покровител на наградите „Енхалон“ и „Млада Струга“ преку Europe House Струга, најновата членка на мрежата на Europe House, изјави директорот на Струшките вечери на поезијата, Тодорче Тасевски. Возобновената награда „Млада Струга“ ќе се доделува за необјавен поетски ракопис на млад поет или поетеса што дотогаш немаат објавено поетска збирка. Добитникот ќе биде избран по распишан конкурс, а освен паричен износ, наградата вклучува и објавување на поетската збирка како дел од изданијата на СВП и учество на Фестивалот, по урнек на поранешниот конкурс на Книжевната младина на Македонија.

Наградата „Енхалон“ се доделува за најдобра прочитана песна во рамки на „Ноќите без интерпункција“, дел од програмата на Фестивалот кадешто учествуваат претежно помлади поети.

Во своето обраќање пред присутните, заменик амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, истакна:

– Почнувајќи од оваа година, ЕУ ќе спонзорира две награди за охрабрување на младите и за промовирање на културната размена. Ова се две клучни цели на ЕУ во нејзиното политичко, културно и развојно партнерство со Северна Македонија. Со промовирањето на културната размена и со поддршката на младите поети, ќе дадеме придонес и ќе ја славиме енергичната сцена на културата, националната литература и начинот на кој таа го збогатува нашиот европски културен мозаик – рече Нупнау.

Според него, наградите „Млада Струга“ и „Енхалон“ ќе бидат меѓу првите активности на Europe House Струга.

– Нашата најнова Europe House на југозападниот дел на земјата ќе воспостави уште еден центар за поттикнување на креативноста, за унапредување на соработката меѓу младите и за зајакнување на врските во заедницата. Место каде што младите може да се вклучат, да учат и да преземат водство во правењето позитивна промена. Место што поттикнува промена и свежи креативни струи – симбол на јагулата или Енхалон (древното име на Струга) – рече Нупнау.

Фото: СВП

Сподели