Во Нирнберг секогаш се чувствувам одлично прифатен, како да сум нивен уметник

Овој германски град е многу убава приказна. Не само за мене, туку и сите други уметници што изложувале. Некако секогаш сме го имале чувството дека сме посакувани таму како уметници, нас нè чувствуваа како посебни, вели уметникот Сергеј Андреевски

Сергеј Андреевски бил првиот македонски уметник што ги претставил своите дела во Куќата на уметноста (Kunst Haus) во Нирнберг во 90-тите години на минатиот век. Врската што  ја создале двата града – Скопје и збратимениот Нирнберг, низ период од четири децении зближи многу уметници кои и по неколку пати му се навраќаат на Нирнберг, а и германски автори доаѓаат во Скопје.

Тогаш млад и тазе дипломиран, можноста да изложува во тој светски центар за Андреевски била откровение и влијание за цел живот. Уметникот Јоаким Блајнштајн, тогашен раководител на Куќата на уметноста во Нирнберг го посетил Скопје и Уметничката галерија со која раководел Драган Бошнаковски. Блајнштајн се запознал со Андреевски, кој во моментот имал актуелна изложба.

– Им се допаднаа некои мои слики, Блајнштајн дури и купи една. Така почна соработката и рече: Ќе те поканам да ни бидеш првиот претставник на Македонија. Тие имаа уметнички центар во Нирнберг, каде имаше гостување на уметници од збратимени градови на овој германски град. Во тоа време Куќата на уметноста се наоѓаше во центарот на Нирнберг (денес ја има променето локацијата) и имаше зграда со три галерии и со апартман за сместување на гостите. Неповторливо искуство за мене како млад уметник – се потсетува Андреевски, кој дипломирал во 1985 година на Факутетот за драмски уметности во Скопје.

Пред првиот престој во Нирнберг, претходела стипендија од Галеријата за модерна уметност во Рим, каде осум месеци можел да учи за уметноста во три италијански градови – Рим, Фиренца и Болоња.
– Прв пат бев во Италија, користев скромна стипендија. Тоа беа скромни пари, но таа енергија духовно ме држеше долго време – вели Андреевски.

Низ годините тој му се навраќал на градот, но и на публиката што таму ја создал, запознал. Повторно изложувал во 1995 година.
– Нирнберг е многу убава приказна. Не само за мене, туку и сите други уметници што изложувале. Некако секогаш сме го имале чувството дека сме посакувани таму како уметници, нас нè чувствуваа како посебни. Како нивни. Имавме и самостојни и групни изложби, уметници како Симон Шемов, Владимир Ташковски…

До ден денес сум во контакт со многу уметници од Нирнберг.
– Воопшто кога одите почесто во една средина ве препознаваат како да сте активен дел од таа уметничка средина. Јас сум застапен во неколку приватни колекции. Има моја слика и во градскиот центар за размена на уметници. Исто така и во самиот Кунст Хаус има една моја слика. Моите релации се многу сериозни, со многу уметници сум многу близок. Јас излагав и во Елвинген, таму дојде одговорната од Нирнберг да ја посети изложбата. Тие нас не чувствуваат како многу блиски, со многу почит – вели тој.

Во Нирнберг изложувал и во приватни студија, во 2011 година бил дел од проектот Goho, кога престојувал во ателјето на германска уметница.
– Нирнберг е стар град, град на франконија. Град на југ, затоа може ни се и блиски како народ. Подружељубиви се, нè сфаќаат како медитеранци. Франконија е дел од Баерн, срцето на Германија, позната по убавата храна, пивото… Многу ја почитувам германската култура, во моето ликовно милје има навистина посебно место. Германците како народ се чесни, одговорни, тие работи што ги научив од нив, дисциплнирани, нема никогаш да ги заборавам. Јас не бев истиот човек после средбата со Германците, посебно од некои лекции што ги научив од Блајнштајн – вели Андреевски.

За Андреевски, Нирнберг било како втор место што му отворило нови видици и оттогаш имал потреба да патува низ целиот свет.
– Патувањата се друг вид студирање. Во Нирнберг знам да одам често, едноставно и без некој посебен повод. Планирам да направам нов циклус дела – да се викаат градови и тоа ќе ми биде следна фаза. Нирнберг сигурно ќе има посебно место во тој мој нов период – вели Андреевски.

Негова последна изложба беше групното претставување заедно со Решат Амети и Ема Петрова во Македонскиот културен центар во Њујорк.
– Ме радува што дојде убава публика, и Американци, што се заинтересираа за нашата уметност. Многу пати инсистирам кога се претставувам тоа да биде посуштинска работа. Нашинците нè знаат, но странците треба да нè научат – вели тој.

Во меѓувреме, Слоештица му е прибежиште и Ахиловата пета. Вели, „таму времето стои, ми дава спокој и повеќе енергија кога одам во поголем град.“

Сподели