Рецензија: Луцидни бајки само за зрели

Александар Прокопиев во „Човечулец“ (Магор, 2011) се занимава со отворените аспекти на архетипските приказни, со продолжување на фантазијата и нови епизоди од замрзнатите слики од детството

Пишува: Александра Јуруковска

Дали некогаш сте се запрашале која е приказната или што има да каже за Снежана – Ловецот, оној кутар маргинален лик, чија задача беше да го донесе во рацете на злобната Kралица срцето на преубавата девојка? Или зошто Палчо е малолетен деликвент? Или дали изгубените момчиња од тајфата на Петар Пан и по цела вечност со него се задоволни од својот статус? Во 16-те приказни на Александар Прокопиев обединет под насловот „Човечулец (бајки од левиот џеб)“ се кријат дел од одговорите на овие прашања во вид на бајки кои се ставени во нов, современ контекст. Во нив им се дава глас на заборавените, кои сега може и треба да си ја кажат сопствената верзија на познатите приказни, со кои заспиваат и растат многу генерации.

Бајките на Прокопиев не се само „волшебни“, во преносна и книжено-теориска смисла. Тие се сурови и отворени, во нив читателот сфаќа дека без волшебното стапче Злото е навистина Зло, а победата на Доброто е секогаш неизвесна. Појавата на волшебните или фантастични елементи е во функција на ублажување на она што всушност писателот сака да го каже, а понекогаш и во функција на доловување на хумористичниот ефект.

Александар Прокопиев

Навикнати сме бајките да завршуваат убаво, а овде нè штрекнува суровата реалност дека јунаците умираат или може да останат вечно незадоволни и фрустрирани. На пример, во „Недојдија“ раскажува едно од изгубените момчиња од дружината на Петар Пан и во неговиот „глас“ има презир спрема вечното момче, бидејќи неговата единствена задача е да лета и да биде шармантен. Штрбле има 60 години, заробен е во Недојдија и не е баш задоволен од својот статус. И, навистина како читатели/слушатели/ гледачи на бројните верзии на оваа приказна, никогаш не сме ни помислиле на тоа, каде одат или остануваат момчињата кога нивниот водач одбива да порасне? И што ако и се појават такви момчиња и со помош на алхемија создадат свој човечулец?

Александар Прокопиев во „Човечулец“ се занимава со отворените аспекти на архетипските приказни, со продолжување на фантазијата и нови епизоди од замрзнатите слики од детството. Ревидирањето на стереотипите е предизвик, ризик но и многу луцидна игра. Во духот на играта се и упатствата напишани пред секоја бајка дека таа (не) треба да се кажува на забар, бербер, додека се прелистуваат женски списанија или на пауза за кафе. Небаре ако се утнат местото и времето ќе исчезне магиската моќ на (рас)кажаното. Играта во „Човечулец“ се заокружува со последната приказна „Автобајка“ во која главен јунак е самиот Прокопиев и неговите чудесни доживувања.

(Текстот е објавен во Дневник, 11.12.2011, а потоа и во книгата „Ткаење на текстот“, Силсонс 2014)

Сподели