Виктор Симјаноски, математичар: Поважно од откривањето е развојот на талентот

Симјаноски студирал на МИТ во САД и во 2011 година завршил со две дипломи (математика и компјутерски науки). Веќе 11 години живее и работи во Чикаго, каде магистрирал од областа на компјутерски науки

Тој е поранешен учесник и медалист на Интернационалната математичка олимпијада. Денес живее и работи во САД. Дипломирал на реномираниот МИТ, а магистрирал на Универзитетот во Чикаго. Вели дека талентот е предност, но ако си го најдете фокусот, секој сон ќе ви биде на дофат.

Виктор Симјаноски учел во основно училиште во „Јан Амос Коменски“ во родното Скопје, а средното образование го завршил во „Јахја Кемал“. Студирал на МИТ во САД и во 2011 година завршил со две дипломи (математика и компјутерски науки). Веќе 11 години живее и работи во Чикаго, каде магистрирал од областа на компјутерски науки. Како голем вљубеник во математиката, Симјаноски е активен член на Сојузот на математичарите на Македонија и е вклучен во подготовката на многу ученици за меѓународни натпревари по математика.

Виктор Симјаноски со семејството на Флорида

– Во 5. одделение почнав да се натпреварувам по математика. Во подготовките, како навлегував во материјал надвор од школската програма, сфатив дека постои огромно, недогледно пространство на математички знаења. Елегантноста и естетиката на разните идеи, концепти и теореми ме влечеше да посветувам сè повеќе и повеќе време на нив, да навлегувам во полето сè подлабоко и подлабоко. Затоа би сакал да поттикнам што повеќе ученици да се вкучуваат во натпреварите на СММ. Ваков навидум мал чекор може да има големо позитивно влијание на нивниот професионален развој.

Сте биле ученик талентиран за математика со освоени медали на ИМО. Кој го забележа овој Ваш талент и како го развивавте?

– Најмногу им должам на моите родители Драшко и Лида, како и на мојата прва наставничка Лилјана Андоновска. Меѓутоа, можеби уште поважно од откривањето на некаков талент е неговото негување и поддршка. Тука огромна улога имаат семејната и школската атмосфера. Во „Јан Амос Коменски“, и посебно подоцна во „Јахја Кемал“ имав голема поддршка и поттик за математика, и благодарен сум им на сите мои наставници и професори.

Во Виетнам 2007 година

Имам впечаток дека многумина имаат погрешна идеја за важноста на талентот и неговото откривање. Како тоа да е грутка злато или археолошки артефакт кој треба да се открие – и готово! Попрецизна метафора би била градина во која треба да се вложува труд со години и децении, конзистентно. Квалитетот на почвата има некаква улога, но многу помала од вложената работа, планирање и посветеност, и имањето систем и институции посветени на ваквиот развој. Ги знаеме анегдотите за Гаус како на 7-8 годишна возраст набрзина сфатил начин како да го пресмета збирот 1+2+..+100, или малиот Њутн како со парче јаглен на ѕидот во својот дом изведува („открива“) геометриски теореми. Но, освен во вакви екстремни случаи, реалноста е далеку од тоа. Во пракса, љубопитноста и желбата за знаење, дисциплираноста и работливоста се многу побитни од некаков талент. Во тој контекст би рекол дека поставувањето прашања (особено кон себеси), размислувањето за нив долготрајно и долгорочно игра многу поголема улога отколку знаењето одговори. Затоа би им порачал на сите, дури и ако не се сметаат себеси за посебно талентирани – ако имаат желба и љубопитство за учење, тоа е најбитното. Веќе ги имаат главните состојки за успех.

Зошто го одбравте МИТ за студирање и како продолжи да се развива тука Вашиот интерес за математика?

– Уште од поодамна МИТ ми беше познат како факултет со доста ригорозна и сериозна програма, и верував дека ваквиот образовен пристап ќе ми овозможи да го достигнам својот максимален развој. Како учесник на меѓународните наптревари, запознавав други постари натпреварувачи кои веќе беа примени на МИТ и сонував да им се придружам во иднина. Неколку години подоцна овој сон стана реалност. Во своите додипломски студии учев (применета) математика и компјутерски науки, а потоа отидов на магистерски студии по комјутерски науки на Универзитетот во Чикаго. Ова искуство ми овозможи да се запознаам со доста математички гранки за кои претходно не бев свесен дека постојат, а најинтересниот дел за мене беше како се поврзани и какви сеопфатни и неочекувани примени имаат.

Димпломирањето на МИТ со двете дипломи

Ако се обидеме да го сумираме математичкиот развој на една индивидуа во една димензија, според мене таа димензија би била: колку долго може да работи на еден математички проблем, да се задлабочи во него и да го испитува на различни начини без да се откаже? После средно училиште успеав да го протегнам овој период од неколку часа до неколку денови во почетокот, па сè до неколку недели при крајот на моето образование. Врвните светски математичари работат со години, па понекогаш и децении на еден ист проблем.

Неодамна во научно списание беше објавен научен труд од областа на хемијата на која работевте со Александар Кондински. Може ли накусо да ни објасните за што станува збор? Како математиката беше ставена во функција на истражување од област на хемијата?

– Тоа испадна како среќна случајност. Имав предложено една задача на ЈБМО 2017: https://artofproblemsolving.com/community/c6h1468202p8509996 Темата на овој проблем е различни начини на боење на многуаголник во рамнината кои задоволуваат одредени услови. Александар ја имаше видено задачата и воочи некаква аналогија помеѓу оваа ситуација и одредени проблеми во неорганска хемија: таму наместо многуаголник во рамнина разгледуваме молекул во простор, и наместо различни бои имаме различни молекуларни групи. Проблемот е доста сличен, но значително потежок: колку видови молекуларни групи може да формираме, кои задоволуваат одредени услови на стабилност.

Активен сте во СММ. Како почна Вашиот интерес од САД да се вклучите во активностите на Сојузот, особено во помагањето на нашите млади таленти?

– Првично мојата инволвираност беше минимална и претежно во облик на предлагање оригинални задачи на натпревари. Повремено си поставувам себеси некакви математички прашања, проблеми, загатки, и во овој процес понекогаш произлегуваат задачи соодветни за натпревари. Моментално работам на 2-3 задачи кои се надевам дека ќе се појават на некој натпревар во следнава година. Во 2020 година бев поканет со неколку други поранешни натпреварувачи на скајп-разговор со нашите тогашни репрезентативци, да ги споделиме нашите искуства и да им помогнеме да постигнат подобри резултати. Во тој период нашиот тим имаше слаби резултати, рангирани 70-80 во светот. Годинава избивме на 39. место, што е најдобар резултат после 2009 година. Напишав краток документ и им го поделив на учесниците, со главните точки кои ги презентирав. Неколку дена подоцна, почнав да додавам совети, идеи и математички ресурси во тој документ. Потоа интервјуирав неколку свои пријатели, добитници на златни и сребрени медали на ИМО, и документот прерасна во една мини-книга од дваесетина странции, бесплатно достапна на секој наш ученик:

Македонскиот тим на годинашната ИМО во Осло

Во прирачникот има и неколку предлози и идеи за СММ, како да го подобри своето работење. Набрзо сфатив дека најдобар начин да се реализираат ваквите промени е ако директно се вклучам во нив, па така мојата инволвираност растеше со текот на времето. На пример, еден од предлозите беше на веб-страницата на СММ да се објави простор за донации кои би се користеле за организирање часови и подготовки на улениците за меѓународни натпревари. Пред неколку недели, оваа идеја се претвори во реалност: https://smm.org.mk/povik-za-donacii/. Веќе имаме неколку донации од неколку поранешни натпреварувачи, и сме во процес на контактирање на приватни компании како можни спонзори.

Во меѓувреме, се сетив дека како натпреварувач во средно не бев добро информиран за сите можности што ги отвора математичкото образование понатаму во животот. За да им помогнеме на нашите сегашни натпреварувачи во тој поглед, организиравме семинар „Живот после ИМО“ во кој поканивме неколку поранешни натпреварувачи, да го опишат своето факултетско искуство и да споделат детаљи од нивните кариери. Учесниците беа специфично одбрани со различни професионални патеки за да доловиме колку различни опции постојат.

Вие сте еден од донаторите. Што Ве мотивира за овие активности?

– За ова имам три извора на мотивација, два се позитивни и еден негативен. Имаме доста посветени, заинтересирани натпреварувачи, но сè уште ни фали систем кои ќе ги поддржи и охрабри да го реализираат својот максимален потенцијал. Овој успех би бил одличен исход за нив како индивидуалци и за државата. Повеќе детали тука: https://smm.org.mk/povik-za-donacii/.

Има доста ентузијазам и желба за работа во СММ, но недостигаат финансиски средства. Голем дел од проектите и одличните промени кои ги гледаме таму во последните 2-3 години се одвиваат на волонтерска база. Негативната причина е недостатокот на инволвираност на државните институции на ова поле. Кога децата постигнуваат солидни резултати, имаат средби со разни функционери и добро е што има интерес. Но, политичари даваат изјави: „Треба да направиме сè за да им помогнеме на овие ученици“, свесни дека ниту нешто направиле, ниту имаат намера да направат!

Прв час по математика со ќерка си Софија

Во 2005 година ИМО се одржа во Мексико. Поради недостиг од спонзори и заинтересираност, испадна сам да ги платам патните трошоци од свој џеб. Во процесот на барање спонзорство, татко ми се сретна со еден локален градоначалник во тоа време, и одговорот кој го доби беше: „Е па што бара баш во Мексико, нека оди негде поблиску.“ Денес има поголемо разбирање, макар и симболично, но сè уште недостигаат конкретни дејства.

Како образовниот систем во САД ги детектира учениците талентирани за математика? Постои ли систем што ги препознава, развива, образова и интегрира во општетсвото?

– Фокусот е повеќе на негување (развивање) на талентот отколку на неговото откривање. Ќе опишам две главни разлики. Има слобода кај учениците да се фокусираат повеќе на некои предмети, а да занемарат други. На пример, средношколците сами ги избираат предметите што ги учат. Секако дека има одредени основни барања кои секој треба да ги задоволи, но во исто време имаат слобода и можност да одат на предавања на ниво на факултетска математика додека се во средно. Ваквите предавања се достапни во самите средни училишта, но во некои случаи учениците одат на предавања на факултет, наместо во средно.

Кај нас очекуваме децата да акумулираат енциклопедиски познавања од сите области, а тоа што најмногу ги интересира (математика, спорт, уметност, било што) да го работат додатно во своето слободно време како хоби. Така, предметите што не ги интересираат воопшто не ги изучуваат, а во тоа што навистина ги привлекува, се развиваат на ниво на хоби наместо вистински експерти, бидејќи времето не им дозволува. Ова го гледаме на пример на олимписките натпревари, ако ги споредиме нашите медали со тие на нашите соседи.

Венчавка во православен храм на Хаваи

Другиот фактор е организирањето на разни кампови, групи и предавања за заинтересирани ученици. Овие често се прави на факултет, и предавачите се студенти-доброволци, на пример:
https://math.mit.edu/research/highschool/primes/
https://promys.org/
https://www.ctd.northwestern.edu/.

Секако, тука е и одлично организираниот тренинг-камп за олимпискиот тим, како и останати натпреварувачи кои се претенденти да се пласираат на ИМО во иднина: https://artofproblemsolving.com/wiki/index.php/Mathematical_Olympiad_Summer_Program, вкупно 50-ина најдобри натпреварувачи во САД. Сонот на СММ е да воспоставиме една ваква програме и кај нас. Имаме одличен прогрес во последните 2-3 години, но ни фали финансиска поддршка за да го оствариме комплетно.

Во одност на бенефитите, ги има премногу. Технолошкиот развој (Силициумска долина на пример) се базира на солидни математички познавања. Истото важи и за финансискиот систем, кој е граден врз база на технологија (автоматизам) и квантитативни методи. Ова оди дотаму што и во двете полиња, искуството од математички натпревари претставува значајна предност во аплицирањето за работа, дури и 15-20 години откако поминало! Додатен бенефит за една помала држава како нас е што математиката и математичарите може да бидат наши амбасадори. Постои интерес и ентузијазам, но потребно е да се вложува, особено од страна на државата.

Каде живеете во моментот и што работите? Колку математичките познавања Ви помогнаа во кариерата?

– Во последниве 11 години живеам во Чикаго и се бавам со квантитативни финансии. Математиката помага доста во секојдневната работа, користиме доста математички принципи и техники. Но, тоа што е поважно, на поапстрактно ниво, е што изучувањето математика ве опремува за практично, прецизно и снаодливо решавање проблеми. На пример, во ситуација кога некој без математички познавања го гледа проблемот како недефиниран, мистериозен облак – знае отприлика за што се работи, но нема прецизен и конкретен план, математичарот ќе го подели проблемот на помали, полесно решливи под-проблеми и за секој од нив ќе смисли неколку конкретни различни начини на решавање, точен распоред до кога треба да се решат и какви сè алтернативи постојат доколку се заглави.

Што би им препорачале на сите ученици во Македонија што сакаат да се занимаваат со математиката како наука? Може ли добро да се живее од наука?

– Секако, јас сум презадоволен, па и изненаден од тоа колку математиката придонесе во подигањето на мојот животен квалитет. Пред десетина години не бев ни свесен за сите предности и можности кои доаѓаат со тоа, бидејќи овие работи не беа извор на мотивација за мене. Би им препорачал на сите кои имаат афинитет кон некое поле, независно дали е тоа математика, уметност, спорт…, да најдат начин да се фокусираат на тоа поле што може порано и да го бркаат својот сон неприкосновено, не дозволувајќи никакви дефокусирања или обесхрабрувања.

Сподели