Узун Мера и Пешка, праисториски археолошки локалитети што допрва се откриваат во Македонија

На двете наоѓалишта во Источна Македонија деновиве завршија истражувањата во рамките на Летната школа за студенти од повеќе држави

Узун Мера кај селото Мустафино и Пешка кај Злетово се двете праисториски археолошки наоѓалишта во Источна Македонија каде деновиве завршија истражувањата во рамките на Летната школа за студенти од повеќе држави. Тие се обучуваа во теренски методи на археолошко истражување и документција на двата локалитета, имаа теоретска настава и тематски работилници. Активностите се дел од научниот проект „Палеолитот во Источна Македонија“ со кој раководи д-р Трајче Нацев, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Школата беше организирана во соработка помеѓу УГД и Фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија. Покрај Нацев, координатори и кораководители се и д-р Дарко Стојановски и проф. д-р Сара Лејси од Државниот универзитет во Калифорнија.

Археолозите на локалитетот Пешка

– Иако летната школа беше во контекст на проектот „Палеолитот во Источна Македонија“, освен палеoлитскa, студентите имаа можност да откриваат и да се запознаат и со материјалната култура од бронзената доба – вели Стојановски.

Проектот „Палеолитот во Источна Македонија“ почна во 2017 година на тогаш тазе откриениот локалитет од среден палеолит Узун Мера кај селото Мустафино.
– Оттогаш во континуитет работиме. Годинава ги проширивме истражувањата на поткарпата Пешка, како локалитет со голем потенцијал за постоење на културни слоеви од пораните фази на предисторијата. Овој локалитет никогаш досега не беше истражуван и на површината не беше присутен никаков материјал. Воопшто не знаевме што нè очекува. За големо, пријатно изненадување, во поткарпата откривме повеќе слоеви (фази) од бронзената доба и почетокот на железно време. Поради ограниченоста со време и финансии моравме да застанеме овде, но постојат културни слоеви до доста поголема длабочина и се надевам дека наредните кампањи ќе дадат ново светло на животот во овој специфичен географски контекст во пораните периоди – вели Стојановски.

На Узун Мера

Покрај студентите од Македонија, во летната школа беа вклучени петмина студенти од САД и по еден од Швајцарија и од Англија. Според Стојановски, тие се обучувале во теренски методи на археолошко истражување и документција на двата локалитета. Заради различната природа на локалитетите, раководителите применувале различен методолошки пристап. Студентите следеле и теоретска настава и работилници тематски поврзани со теренските истражувања. Предавањата се одржувале во просториите на УГД, а учествувале специјалисти од разни области како од Универзитетот и од други научни институции во Македонија.

Узун Мера

Стојановски вели дека секоја кампања носи интересни нови откритија. На Узун Мера истражувале дел од локалитетот што не бил опфатен со претходните кампањи.
– Ги збогативме сознанијата за стратиграфијата на локалитетот во вертикална и хоризонтална смисла, но ја збогативме и колекцијата палеолитски орудија на Народниот музеј во Свети Николе. Истражувањата на овој локалитет уште од самиот почеток се одвиваат во координација со нив и им благодарам за одличната соработка. Можеби најзначајно од оваа кампања е остварената соработка со Националниот центар за изучување на човечката еволуција од Бургос, Шпанија. Благодарение на нив, за прв пат сме во можност да ја определиме апсолутната хронологија на овој локалитет, со помош на методот Оптички стимулирана луминисценција на примероци од седимент. Резултатите ги очекуваме до крајот на годината – објаснува Стојановски.

Локалитетот Пешка

На Пешка ова беа први истражувања. Стојановски вели дека откриле 6 фази од бронзеното време и тоа поврзани со огништа и печки од индустриски размери, веројатно во служба на металургија, што е од огромо значење за проучување на овој период во Источна Македонија. Во оваа етапа соработувале со Археолошки музеј на РСМ, преку учеството на археологот Благоја Китановски.

Според Стојановски, овие летни школи покрај научно-образовната, имаат и социјална и културна димензија.
– Странските студенти се запознаваат со Македонија, со нашата традиција и култура, со општеството и менталитетот на луѓето. Среќен сум што сите си заминаа со позитивно искуство и симпатии кон нашиот народ и култура. За дел од нив ова беше прво излегување од нивната држава. Од друга страна, македонските студенти имаа можност да работат одблизу со нивни врсници од странство, да се запознаат со нивната култура, образовен систем и да разменат искуства. Се покажаа како одлични домакини и веќе формираа мрежа на пријатели која може да им биде од голема корист во понатамошната кариера. Исто така ова беше ново искуство и за дел од менторите, и ме радува што сите излегоа со позитивни чувства – вели Стојановски.

На прашањето какви се условите ваквите школи да се прошират во поголем дел од годината, со оглед на големото и разнолико културно наследство во земјава, Стојановски одговара:
– Македонија навистина изобилува со културно наследство од сите археолошки периоди, но сè уште е мистерија за колегите и ентузијастите од странство. Во таа смисла, има простор за проширување на ваков тип соработки. Но, секогаш треба да се има предвид пред сè научниот аспект и да не се занемари крајната цел на археолошките истражувања – обработка на податоците од ископувањата и споделување на резултатите со научната и пошироката јавност.

Истражувањата на Узун Мера се финансирани од Министерството за култура, а на Пешка од Универзитетот во Калифорнија и „Балканско наследство“.

Фото: Зак Требино