„Виенска камерна симфонија“ од Австрија на Охридско лето

Квинтетот „Виенска камерна симфонија“ од Австрија вечерва во 21 часот во црквата „Св. Софија“ во Охрид ќе одржи концрет. Ќе настапат: Лаура Лози – прва виолина, Естеле Вебер – втора виолина, Џорџиа Венециано – виола, Серџо Мастро – виолончело и Дамиан Посе – контрабас. Тие ќе изведат дела од Г. Малер, Е. В. Корнголд и од А. Дворжак.

„Виенска камерна симфонија“ е ансамбл составен од талентирани музичaри кои живеат и работат во Виена. Овој камерен состав има широк репертоар на класични дела почнувајќи од 19 век, па сѐ до современи дела, како и дела од композитори кои неправедно се запоставени или заборавени. Членовите на ансамблот најчесто настапуваат во формација на квинтет, следејќи ги традиционалните елементи на изведба во камерен оркестар, со симфониски концепт. Во Шпанија дебитираат со изведба на уникатен аранжман на Бетовеновата Петта симфонија, а посебно место во нивниот репертоар има изведбата на концерти за пијано, но во елегантна, камерна варијанта.

Формиран во 2006 година, квинтетот голем дел од своите први концерти ги изведува во Шпанија како дел од прославата на „Годината на Моцарт“, а се примени со бројни позитивни критики од публиката и критиката која ги опишува како „најдобри изведувачи во долгата концертна сезона посветна исклучиво на Моцарт“. По ова искуство, квинтетот реализира серија проекти како дел од кои изведуваат дела од современиците на Моцарт. Настапуваат низ цела Европа: Шпанија, Франција, Велика Британија, Полска, Холандија, Данска, како и во Латинска Америка во Бразил, Чиле, Aргентина, Колумбија, Перу, Уругвај, Панама.

Сподели