Млади и мотивирани студенти, креативни професионалци и ентузијасти за вештачка интелигенција (ВИ) учествуваа на проектот „Алгоритамски пејзажи на Скопје“ кој успешно заврши минатата недела. Иновативниот интердисциплинарен проект обедини урбана фотографија и ВИ во создавање нови дигитални интерпретации на културни објекти и урбани локации во Скопје.

Во рамките на проектот беа организирани едукативни работилници посветени на урбана фотографија, визуелно документирање на јавни простори и нивна креативна обработка со ВИ алатки. Учесниците под менторство на Бранко Ристовски и Илија Тирицовски во текот на изминатите четири недели изработија значајна колекција урбани фотографии и нивни ВИ интерпретации од различни скопски локации.

Проектот е дел од пошироката иницијатива „Алгоритамски пејзажи“, чија цел е развој на одржлива креативна платформа што ќе поттикне идни уметнички и технолошки иницијативи, ќе ја засили видливоста на градот и ќе охрабри критичко согледување на урбаната средина.
Проектот е во реализација на „Флатформ филм“, со поддршка на Министерство за култура и туризам, а во соработка со Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ од Скопје.
Дел од работата на учесниците се објавени во дигитална онлајн галерија.





