Изложбата ја гледам како можност другите да ја видат мојата креативност и да се запознаат со моите дела, како една „врата“ што ќе ми се отвори за понатака во мојата професија како графички дизајнер.
Границите се таму каде што ќе ги поставиме. Самите на себе треба да сме си најголеми борци против тие граници. Таква хероина од нашето секојдневие е 27-годишната Вероника Љоровска од Скопје. Прекрасна млада личност која сонува, креира и не дозволува нејзиниот физички хендикеп предизвикан од церебрална парализа да ѝ биде главна пречка да не го прави тоа што го сака.
Вероника е студентка на Факултетот за графички дизајн при Европскиот универзитет. Вечерва во 19 часот во галеријата „Ко-ра“ во Скопје ќе биде отворена нејзината прва самостојна изложба со цртежи и дела од предметите цртање и сликање, кај нејзината професорка Јана Манева-Чупоска. Изложбата е насловена „Мојот свет во боја“. „Голем чекор за мене е што ќе имам моја прва самостојна изложба во втората година од студирањето“, вели таа.

– Oваа изложба ја гледам како можност другите да ја видат мојата креативност и да се запознаат со моите дела. Го гледам како една „врата“ што ќе ми се отвори за понатака во мојата професија како графички дизајнер – вели Љоровска.
Идејата за изложбата и ја дала проф. д-р Јана Манева-Чупоска, која е нејзина професорка по предметите цртање и сликање.
– Професорката ме научи целосно самостојно да ги изработувам задачите кои беа адаптирани за мене. Тоа ме правеше дополнително сигурна во тоа што сакам да го изработам. Така се договоривме и ете сме денес со мојата прва самостојна изложба. Не можам да одвојам кој ми помогна најмногу, сите ми помогнаат таму кај што ми беше потребна помош – споделува Вероника.
Од Европскиот универзитет велат дека идејата за организирање на изложбата на студентката Љоровска е да се даде поддршка на лицата со посебни потреби како еднакви граѓани во нашето општество и нивното право на високо образование.
– Европскиот универзитет го негува духот на помагање на оваа категорија на лица овозможувајќи им студии со финансиска поддршка, во форма на целосна стипендија во времетраење од четири години. Таков е и случајот со студентката Вероника Љоровска, која е стипендист на Факултетот за арт и дизајн на насоката графички дизајн. Како најзначаен педагошки елемент во овој процес на создавање на оваа изложба е фактот дека Вероника успеа целосно самостојно да ги извршува задачите, работејќи по адаптирана програма креирана според нејзините можности. Целта на ваквата програма е таа да стекне вештини кои би можела да ги практикува и по завршувањето на нејзините студии – велат од Универзитетот.
Изложбата се состои од 40-ина дела изработени во повеќе техники: молив, јаглен, туш, фломастер, темпера, колаж, асамблаж, енформел. Форматите на делата се изработени во повеќе димензии.
Вероника вели дека на нејзиниот факултет нашла големо разбирање, имала едноставен пристап и добра соработка со професорите. Првата година од студиите ја поминала онлајн поради ковид-пандемијата, но вели дека брзо се навикнала.
– Од мала сакав да работам нешто со компјутери и многу сум среќна што ми се исполни желбата. Особено ја почитувам професорката Јана Манева-Чупоска, таа е прекрасен педагог и ми помогна да го разбудам мојот потенцијал. Имам табла за цртање и од мене извлече работи што мислев дека нема да можам да ги правам – раскажува Вероника.

Таа беше дел од проектот „И јас сум тука“, изложба на 20 фотопортрети со 20 лица со интелектуална попреченост од повеќе градови во Македонија.
Нејзината насмевка нема да ве остави рамнодушни. Опкружена со љубов од своето семејство, Вероника едноставно зрачи. Летата сака да ги помине во Дојран. Сака да се дружи со пријателите, да плива, да јаде слатко, а сладолед – најмногу! Ја радуваат мали работи, а тажна е кога ќе чуе негативни коментари. Вели дека во средното „Кочо Рацин“ ги поминала најубавите години, во дружба со своите врсници. Но, се жали дека повеќето наставници ја игнорирале, а нејзината класна раководителка најмногу ѝ помагала.

– Матурата ми беше најубавото нешто што ми се случило – вели Вероника.
Во здружението „Отвори ги прозорците“ Вероника научила да работи на компјутери, да направи видеоигра. Студентка ѝ помагала.

Вероника вели дека многу ѝ пречи ниското ниво на свесност кон лицата со посебни потреби, „големата дискриминација во општеството во кое живееме“.
– Ми се случувале непријатни ситуации, да коментираат за мојот хендикеп во стилот „што бара во школо кога не знае да зборува“ и ред други коментари. Ме смирува езотеријата, како учење на внатрешната природа, на себоосознавањето на неоткриените можности и развивањето на самодовербата и духовниот развој – вели Вероника.
Таа ветува дека нема да запре на првата самостојна изложба и дека оваа позитивна енергија и поддршка што ја добива од луѓето наоколу ќе ја охрабри да продолжи понатаму со работа.






