Со изложбата „Хартии“ сликарот Сергеј Андреевски вечерва во 20 часот, во фоајето на Музејот на македонската борба ќе одбележи 35 години творештво. Изложбата е ретроспектива на истражувањата на авторот врз различни видови хартија со различни материјали во изминатите 35 години. Куратор на изложбата е истпричарот на уметност, д-р Кирил Пенушлиски.

– Публиката ќе може да види дела од различни фази и тематски циклуси, почнувајќи од дела создадени уште во раните студентски денови (од 1983 г.) па сè до последните патувања на Андреевски низ светот. Ќе бидат претставени творби на хартија од римската фаза – слики, скици и цртежи создадени за време на студискиот престој на Андреевски во Рим, веднаш по завршувањето на ФЛУ во Скопје. Следува нирнбершка фаза со слики, цртежи и скици од студискиот престој во Нирнберг, па цртежи од Франција, од престојот и поддршката на азилот за диви животни Le Refuge de l’Arche и престоите во Cite Internationalle des arts. Публиката ќе види цртежи од Јапонија сликани на традиционална рачно изработена хартија, главно од прочуената семејна работилница Iwano, слики и цртежи од Америка, Тунис, Египет… – велат организиторите.

На изложбата ќе бидат претставени и дела од циклусот „Кучињата лаат“ што премиерно беше изложен во Москва во 2015 година и дела од циклусот „Цвеќулиња“, за прв пат изложени во Берлин во 2012 година. На поставката ќе се најдат и скици и цртежи од мал формат што Андреевски ги има правено буквално за време на патувањата: во авион, автобус, на брод…
Најголемиот дел од сликите, цртежите и скиците се прошетани на неколку континенти, но никогаш до сега не биле изложени пред македонската јавност. Изложбата ќе биде отворена до 12 јуни.





