Универзитетите мора да вложуваат во постојано унапредување на дигитализацијата

Дигитализацијата на високобразовните институции повеќе не е прашање на потреба, туку е неопходност за квалитетен образовен процес, а универзитетите мора да вложуваат во постојано унапредување на дигитализација на системите и во обука на соодветен кадар. Државата треба целосно да го поддржи овој процес, вклучително и со развој на стратегии со кои ќе ги задржи младите што се образуваат за ИТ професии кои се дефицитарни, а истовремено неопходни кадри во земјава. Оvа се дел од заклучоците на дебатата посветена на „Дигитални реформи за современо високо образование – младински перспективи“ во организација на Институтот за напредно политичко лидерство, поддржан од Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Првата генерација на Институтот составена од младински претставници на различни политички партии и граѓански организации: Арта Ќерими, Хилал Беќири, Бојан Никовски, Александар Трајановски, Наум Локоски и Евгенија Јанакиеска, ја покренаа оваа младинска иницијатива која има за цел да утврди до каде е процесот на дигитализација во високото образование, да ги собере искуствата од повеќе универзитети, да се детектираат слабостите и добрите страни, како и да ги детектира предизвиците и проблемите со кои се соочуваат студентите.

Кристофер Бренан, резидентен програмски директор на ИРИ нагласи дека е навистина мотивирачки и инспиративно да се види како млади луѓе од различни политички партии, граѓански организации и етникуми работат на постигнување на заеднички цели.

– Овие млади луѓе, од кои секој застапува свои идеологии, не ги спречи ништо да работат заедно за да ги направат своите општини и целата држава поубаво места за живеење. Ова е одличен пример кој треба да се преслика и на други места“, нагласи Бренан.
Проф. д-р Христина Спасевска, проректорка за настава при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Џемал Зенуни, декан на Факултет за современи науки и технологии при ЈИЕ Универзитетот – Тетово, проф. д-р Зденка Стојановска, проректорка за наука при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ги споделија своите искуства од процесот на дигитализација на пивните факултети и се согласни дека дигитализацијата бара големи буџети и обука на кадар, но е неминовен процес ако сакаме да одиме напред и во образованието, но и како држава.

– Дигитализацијата не е евтин процес. Не бара само да го купите софтверот, туку бара стручен и обучен кадар. Мора да го одржувате. Тешко ни е да задржиме ИТ кадар со плати на администрација. Дополнително овој систем на УКИМ го развиваме сами со сопствени ресурси, но свесни сме дека овие алатки мора постојано да се надополнуваат и менуваат. Ако во високото образование не изградиме одржлив концепт на унапредување на дигитализацијата нема да стасаме никаде, ниту ќе напредуваме“ – нагласи Спасевска. Таа додаде и дека сите универзитети мора да настапат со сериозни проекти и реална проценка што им е потребно поддршка од Министерството за образование и наука и меѓународните донатори со цел да побараат финансиска поддршка за унапредување на дигитализацијата.

Проректорката на УГД „Гоце Делчев“ додаде дека „државата паралелно мора да развива национална стратегија за дефицитарни кадри и професии како ИТ, веб дизајн и сл.

– Ако имаме опрема, а немаме кадар кој да ја спроведува дигитализацијата никаде нема да стасаме. Мора овие стратегии паралелно да следат, од тоа ќе има придобивки за целиот образовен систем – потенцираше Стојановска.

Професорот Џемал Зенуни од ЈИЕ Универзитетот нагласи дека дигитализацијата дава додадена вредност на образовниот процес и тоа е процес кој е започнат и ќе трае. Зенуни смета и дека човечките ресурси се клучни за дигитализацијата и „бегството на млади информатичари бара итни мерки од државата како да ги задржиме за да придонесат за развојот на земјата.“

Поддршка за брза потреба од дигитализација во интерес на студентите побараа и Арта Ќерими, членка на АЛПИ, Александар Трајановски, заменик-градоначалник на Град Скопје и исто член на АЛПИ,  Славчо Темелковски, претседател на Универзитетско студентско Собрание при УКИМ, Демир Демири, претседател на Студентскиот парламент при ЈИЕ Универзитетот, Сара Денковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Гоце Делчев“, како и Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени кои зборуваат за потребите на студентите.

„Потребна е поддршка за младите кои ги иницираат ваквите процеси и поголем слух од институциите за нашите барања, потреби и заложби“, потенцираше Ќерими. Таа како позитивен пример ја наведе поддршката која младите од различни подмладоци и граѓански организации ја добиле од ИРИ во рамки на АЛПИ програмата.

Анализата е достапна на следниот линк:

Сподели