УНЕСКО ни даде една година Охридскиот Регион да не се најде на листата на светски наследства во опасност

Времето кое претходно беше подарено охрабри нови деструктивни проекти, ова го потврди мисијата во 2024 година. Немаме никаква причина да веруваме дека овој пат ќе биде поинаку. Во оваа смисла, сметаме дека со одлуката Комитетот ги изневери принципите врз кои е формиран и активно ја поткопа самата суштина на Конвенцијата за светско наследство – велат еколошките организации. 

Македонија доби уште една година за да преземе мерки со што Охридскиот Регион не би бил ставен на листата на светски наследства во опасност. Ова беше одлучено вчера на 47. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз. Одложувањето е условено со низа обврски за кои државата треба да достави извештај до 1 февруари 2026 година.

Ова се случи откако Владата ги задолжи сите членови на македонската делегација во Париз заеднички да поднесат амандман за повлекување на Нацрт-одлуката на Комитетот, со која се предлагаше регионот да биде ставен на листата на загрозени богатства.

Комитетот требаше по третпат да гласа за статусот на Охридскиот Регион, единственото македонско природно и културно светско наследство.

Пред два дена, 40 организации од регионот и Европа побараа од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО да го впише Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност со цел да се заштити од уништување.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков вели дека одлуката на Комитетот е поттик и мотивација, најсериозно да се продолжи со конкретни мерки што ќе овозможат итна имплементација на предвидените корективни мерки базирани на препораките од реактивните мисии од 2020 и 2024 година, како и на Стратегискиот план за рехабилитација.

– Комитетот за светско наследство беше информиран за загрижувачката трансформација на доброто пред повеќе од две децении – дваесет и две години подоцна и откако 3 мисии алармираа дека Охридскиот Регион е де-факто Светско
наследство во опасност, Комитетот повторно одлучи да ги игнорира експертите и да го награди непочитувањето на Конвенцијата со уште една шанса. Времето кое претходно беше подарено охрабри нови деструктивни проекти, ова го
потврди мисијата во 2024 година. Немаме никаква причина да веруваме дека овој пат ќе биде поинаку. Во оваа смисла, сметаме дека со одлуката Комитетот ги изневери принципите врз кои е формиран и активно ја поткопа самата суштина на Конвенцијата за светско наследство. Бараме од Македонија и Албанија овој пат да ја третираат подарената
шанса со одговорност, итно и без одлагање да ги стопираат, откажат и одвратат сите тековни и сеуште нереализирани деструктивни проекти, и да покажат вистинска посветеност кон реставрација на Исклучителните универзални
вредности на Охридскиот Регион. Ужаснати сме од одлуката, но ќе продолжиме да се бориме за зачувување на
Охридскиот Регион – велат членови на 40 организации од Македонија, Албанија и пошироко.

Фото: Macedonia by Air/јутјуб скриншот

 

Сподели