Перформанс „Злато мое“ на Љупка Делева во Венеција

Перформанс на уметницата Љупка Делева се одржа на 21 јуни во Венеција, по повод Уметничката ноќ 2025 на платото пред Bottega Cini. Перформансот го има насловот „Злато мое“ („tesOROmio“). Станува збор за визуелен и поетски ритуал што го трансформираше плоштадот пред Bottega Cini во вистински свет простор на сеќавање и преродба. Во центарот на сцената, женска фигура облечена во бело – Нарине Хачатријан. Нејзиниот фустан беше распослан како констелација од корени, врз кој Делева со знаци, симболи и гестови со златна и црна боја, оддаде своевиден чин на признание кон сите жени на кои, низ текот на времето, им било одземено правото да го изразат своето знаење, талент и визија.

Инспириран од духовноста на Лита, сончевиот фестивал на летниот солстициум, „Злато мое” ја слави светлината, трансформацијата и длабоката врска со елементите – земјата, водата, воздухот, огнот. Современа химна за генеративната сила на женственото, помеѓу уметноста, ритуалот и колективната свест.

Оригиналниот саундтрак на композиторот Дамјан Томоски го засили сензорното искуство, обвиткувајќи ја изведбата во евокативен и жив звучен пејзаж, засилувајќи ја симболичната вредност на секој гест.

Настанот го проследија стотина посетители, присуствувајќи на моментот каде што границата помеѓу уметноста и духовноста се спојуваше во споделен чин на убавина и свесност.

Сподели