Најважно од сè е во секоја фаза од овој процес се следи внатрешниот глас, она што доаѓа однатре и силно води напред, а тоа е желбата и љубовта кон одредена работа, професија, вели Панговска-Мишова
Кариерниот развој е процес кој почнува уште од детството и се одвива во текот на целиот живот. Постојат многу фактори кои влијаат на кариерниот развој, а тоа се интересите, способностите, вредностите, личноста, карактерот, животните и работните вредности на еден човек. Кариерното советување помага човек подобро да се запознае и да се разбере себеси, како и светот околу него и ги открива можностите кои ги нуди пазарот на труд. Сето ова води кон единствена цел и тоа е носење на важни, информирани одлуки за своето образование, кариера и воопшто за животот – вели Василка Панговска-Мишова, сертифициран кариерен советник, дел од Асоцијацијата на советници за развој на кариера АСК.
Таа редовно учествува во активностите на Асоцијацијата, од подготовка и реализација на проекти, организирање и водење работилници за млади до индивидуални сесии за кариерно советување на поединци (ученици, студенти и невработени лица). Како млад човек да подготви професионална биографија, резиме и мотивационо писмо, да се здобие со вештиниза вработиливост и слично, ова се дел од придобивките на кариерното советување.

Василка Панговска-Мишова
Која е мисијата на Асоцијацијата?
– Здружението постои од 2010 година и претставува обединување на првата генерација ентузијасти што ја посетуваа сертифицираната програма од САД за обука на советници за развој на кариера, под името Global Career Development Facilitator (GCDF). Од тогаш, па досега следуваа неколку генерации сертифицирани советници едуцирани по оваа програма, повеќето од нив се членки на нашата Асоцијација и сите заедно активно работиме кариерното советување да стане задолжителен сегмент од образовниот циклус и да биде препознаено како клучен процес за развојот на една личност и нејзиниот кариерен пат.
Мисијата на АСК е советувањето за развој на кариерата во Македонија да се постави на потребното стручно и практично ниво, со цел корисниците на услугите да добиваат релевантна поддршка во процесот на кариерното планирање и развој, како и подигање на свеста за важноста на истото. Настојуваме да станеме повеќе видливи и да ја освестиме потребата за кариерно советување во училиштата, пред сè. Учениците и младите заслужуваат кариерното советување да биде дел од образовниот процес. Кога би имало кариерен советник во секое училиште, верувам дека секое дете и секој млад човек ќе има појасна визија за себе и за она што го учи, а со тоа ќе влегуваат поспремни во секоја наредна фаза на своето образование.
Професионалното кариерно советување од страна на нашите GCDF сертифицирани кариерни советници претставува помош и насока за развој на вистинските потенцијали на поединците и успех на организациите, со што се влијае и на економскиот развој во државата. Приоритетна цел на активностите на АСК е исто така и работа на обука на постоечките или вработување нови сертифицирани GCDF советници за развој на кариера во кариерните центри на институциите, каде всушност се вршат планирањето и изборите во врска со видот на образованието и кариерата. Како примарни целни групи за активностите на АСК се идентификувани основните, средните училишта и универзитетите, каде што стручната помош при изборот на професијата е од особена важност за учениците и студентите, но и за пошироката заедница. На овој начин се остварува поблиска врска помеѓу афинитетите на поединците и потребите на заедницата од специфичен кадар и профил. Исто така, преку услугите кои ги нуди АСК, во форма на обуки и работилници, дипломираните студентите имаат можност за подобрени вештини во процесот на вработување.

Како еден млад човек да знае да одбере вистински факултет/вистинска професија, како вие во овој процес им помагате на младите?
-Во некои средни стручни училишта има обучен наставник што работи и како кариерен советник. На факултетите има кариерини центри и во некои од нив работат наши колешки, сертифицирани кариерни соработнички. Ние како аосцијација настојуваме да се воведе во сите училишта, дури и во основните. И децата од најмала возраст да можат да се насочуваат и да размислуваат што сакаат да бидат кога ќе пораснат. Но, тоа е долг процес.
Кариерниот развој е процес кој почнува уште од детството и се одвива во текот на целиот живот. Постојат многу фактори кои влијаат на кариерниот развој, а тоа се интересите, способностите, вредностите, личноста, карактерот, животните и работните вредности на еден човек. Кариерното советување помага човек подобро да се запознае и да се разбере себеси, како и светот околу него и ги открива можностите кои ги нуди пазарот на труд. Сето ова води кон единствена цел и тоа е носење на важни, информирани одлуки за своето образование, кариера и воопшто за животот. Кариерниот советник не дели готови решенија, не наметнува свои мислења и ставови. Го води клиентот низ процесот со прашања, охрабрува, применува соодветни тестови и активности кои на клиентот му помагаат да дојде до сознанија важни за одлуките кои се пред него. Низ процесот на кариерно советување, клиентот има можност да дојде до увиди и решенија, кои кога размислува сам му се потешко достапни.

Најважно од сè е во секоја фаза од овој процес се следи внатрешниот глас, она што доаѓа однатре и силно води напред, а тоа е желбата и љубовта кон одредена работа, професија. Ништо помалку од тоа не може да претвори еден работник во добар работник кој со страст ги извршува обврските и кој ужива во секоја минута од работното време.
Кариерниот развој не се однесува само на една одлука, да речеме, за избор на факултет или професија со која поединецот сака да се занимава. Тоа е долг животен процес, што значи дека низ животот ние се менуваме, ситуациите во кои се наоѓаме се менуваат, така што ние континуирано мора да размислуваме за нови начини и правци на движење кои ќе нè прават да се чувствуваме добро и ќе ни го подобрат квалитетот на живот.
Во таа насока, целта на кариерното советување е да збогати со знаења и да обучи за да поединецот се здобие со потребни вештини и може да носи информирани кариерни и животни одлуки. Исто така советникот ги следи и условите и потребите на пазарот на труд и во согласност со потенцијалите и интересите на клиентот работи на негово соодветно насочување и развој.
Преку вклучувањето на советниците за развој на кариера во институциите, добиваат сите: поединците – од најрана возраст планирање на максимално исполнет работен и животен век, а општеството – стручна, мотивирана работна сила која одговара на потребите на заедницата и го потпомага развојот на економијата.
Значи ли тоа дека целна група Ви се и повозрасните?
– Да, се разбира. Освен деца и млади наши клиенти се и возрасните кои сакаат промена во својата кариера, а немаат храброст или доволно јасна слика за себе и за тоа со што би можеле да се занимаваат понатаму, дали и како да се префрлат на нова работа и што би било тоа, и слични дилеми со кои секој од нас сигурно се сретнал во текот на животот. Доколку некој се чувствува заробен на своето моментално работно место, не ужива во работата и минува така ден за ден и единствено задоволство му е платата, веројатно е време за промена и нова кариерна одлука. Изгледа едноставно, но верувајте воопшто не е, и во повеќето случаи е добредојдена помош и поддршка од кариерен советник.

Пензионерите се исто така интересна категорија, и повеќето мислат дека крајот на работните обврски е крај на животот, и токму затоа многу од нив овој период го доживуваат стресно. Ние сме тука за нив да помогнеме во овој период, да им дадеме поддршка и охрабрување дека има многу интересни работи кои можат да ги прават и навистина имаме голем успех со нив, како да им даваме дополнителна вредност на животот, а тоа е многу благородно чувство.
Колку е оваа тематика важна во светот, односно колку се обрнува внимание на неа?
– Кариерното советување долго време е дел од образовните системи на многу земји во светот. Нашата организација има соработка со кариерни советници од Бугарија, Чешка, Шпанија, САД, Германија со кои преку разни работилници и заеднички онлајн средби разменуваме искуства и споделуваме настани, проекти и случувања во врска со кариерното советување во нашите земји. Така преку нашиот партнер Гете Институт Македонија, летово имавме виртуелна посета и запознавање со системот на кариерно водство во Германија, која беше спроведена од експерти на германски релевантни институции. Исто така ни беа презентирани искуства од примена на алатки за советување со кои кариерните советници работат таму. Во Германија кариерното водство е клучен елемент во образованието и е вклучено уште од првите училишни денови на децата кога им се прават проценки на интереси, а се спроведувани од кариерни советници.

Лани се одржа и онлајн-настан со гостин од САД на кој се запознавме одблизу со нивните системи, практики и пристапи, кој ни сподели прекрасни искуства за моделите на училишното советување и практиките на кариерно водство во Америка.
Во моментов огромен дел во рамки на Еразмус програмите е насочен кон вештини за вработливост, претприемништво, поддршка на младите, и се тоа преку кариерното советување. Активно сме вклучени во подготовка на проекти заедно со партнери од Чешка, Шпанија и Летонија.
Бугарија е исто земја со долгогодишна традиција, каде интензивно се поддржува кариерното советување кое има голема примена кај младите и им користи за откривање на талентите и развој во процесот на избор на факултет и идна професија. Од соработката и контактите со нивните кариерни советници, од неодамна на нашата веб страна ask.org.mk може да се најде и алатката/платформата Future Time Traveler – европски проект чија цел е да го трансформира кариерното водство на генерацијата Z преку иновативен пристап на сценарија базиран на игри и да ја подготви следната генерација за работните места од иднината.
Виртуелното патување вклучува 7 авантуристички мисии, кои применуваат елементи од собите за бегство и им помагаат на младите да ги развијат вештините и знаењата за работните места во иднината. Користејќи временска машина, играчите се телепортираат до 2050 година, каде што мора да разберат како различните социјални и технолошки трансформации го обликуваат идниот свет на работа. Играта е слободно достапна на 7 јазици и нуди различни начини на примена.
Сите овие искуства и соработки со различни земји од светот нè прават побогати, поискусни и поспремни за предизвиците со кои сакаме да се соочиме во нашата земја и да им пружиме на нашите млади луѓе можност и привилегија да го искусат кариерното советување и да ги почувствуваат бенефитите од истото. Се надевам дека ќе успееме во тоа, и полека нашата визија ќе ја претвориме во реалност, а тоа е кариерното советување да биде дел од образованието, вклучено во сите основни и средни училишта каде учениците ќе го поминат процесот на себеспознавање и избор на вистинскиот кариерен пат.





