Ученици со оштетен вид преку 3Д артефакти се запознаа со културното наследствo

Учениците со оштетен вид од специјалното училиште „Димитар Влахов“ од Скопје можеа да почувствуваат дваесетина 3Д артефакти поврзани со културното наследство, со објаснувања испечатени на брајова азбука. Предметите на учениците им ги презентираа професори од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Информативната работилници беше спроведена во рамките на Еразмус+ КА203 АД ХОК проектот (Accessible and Digitalized Cultural Heritage for persons with disabilities) координиран од Филозофскиот факултет.

Учениците се запознаа со 3Д модели на монета од Александар Трети Македонски и ликот на овој владетел, статуа на божицата Кибела, античка светилка од Стоби, на античкиот театар од Скупи, пајонска бронза, Вилендорфска Венера, бодеж…

Групата беше предводена од деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев, а предметите на улениците им ги претставија професорите Виктор Лилчиќ, Антонио Јакимовски, Марјан Јованов, Никола Минов и м-р Кирил Денковски. Тие имаа свои излагања во врска со проектните активности како и значењето и поврзаноста на артефактите со културното наследство. Предметите се подарени на училиштето за потребите на сите ученици.

Фото: Филозофски факултет

Сподели