Мислев дека треба да сум суперхерој за да завршам „Ајронмен“ трка

Кога слушнав: „Jasmina Stekovic, you are an IRONMAN!“ беше еден од најсреќните моменти во мојот живот, вели битолчанката која на 49 години ја заврши својата прва Ајронмен трка во Аризона (3,8 км пливање, 180 км возење велосипед и 42 км трчање)

На 40 години почнала да трча рекреативно. По една година го истрчала својот прв полумаратон, а за две години – и маратонот во Чикаго. Оттогаш има истрчано седум маратони. Јасмина Стековиќ (родена Христовска) од Битола живее во Чикаго од 2000 година. Во Скопје завршила на Медицинскиот факултет, а сега работи како набавувач на лекови и координатор на владина програма во клиничка болница.

Ни на сон не ѝ паѓало дека еден ден таа ќе успее да заврши триатлонска трка и тоа една од најпосакуваните за сите триатлонци кои практикуваат т.н трки на издржливст (endurance) – „Ајронмен“.

– Желбата да комплетирам триатлон ми се роди тренирајќи за маратонските трки низ разговори со моите „другари за трчање“. Во 2016 година прв пат комплетирав триатлон кратка дистанца, спринт триатлон. Целосно се вљубив во спортот. Наредната година го комплетирав првата од моите три полу-Ајронмен трки. Тогаш сè уште сметав дека целите трки можат да ги завршат само некои суперхерои, луѓе со натчовечка снага и издржливост. Меѓутоа, како што вели и официјалната порака на „Ајронмен“ – Сè е можно (Anything is possible!) – вели Јасмина.

Спортската трка „Ајронмен“, која се одржува во стотици градови во светот, е еден од најтешките, ако не и најтежок еднодневен спортски настан во светот. Трката започнува во 7 часот наутро и секој мора да исплива 3,8 км, да извози 180 км велосипед и да истрча цел маратон од 42,2 до пред полноќ, односно вкупно 17 часа.

На 21 ноември 2021 година, Стековиќ си докажала себеси дека сè се може кога се сака.
– Моето мото е: „Ако можете да го отсонувате, тогаш можете и да го направите“. На тој ден станав Ајронмен и ја завршив трката во Аризона. Денот донесе многу, до некаде очекувани предизвици. Се пливаше во многу ладна вода, а потоа ветерот беше немилосрден за време на возењето на велосипедот. Кога стигнав до целта, на која ме чекаа сопругот и децата, на среќата ѝ немаше крај. Сите одрекувања, ригорозни тренинзи, рани утра и упорност се исплатија – вели Стековиќ и додава:

„Моментот кога Мајк Рајли (официјалниот глас на Ајронмен-брендот) го изговори моето име и рече ,Jasmina Stekovic, you are an IRONMAN!’, беше еден од најсреќните моменти во мојот живот“.

Како успева да ги постигне изискувачките тренинзи и сите обврки непречено да си течат? Јасмина работи со полно работно време, таа е сопруга и мајка, со сите вообичаени одговорности по дома – готвење, чистење, перење и сл.

– За сево ова да биде возможно, тренинзите главно ги изработувам рано наутро, пред да одам на работа. Тоа подразбира будење во 4.30-5 наутро и преку викенди. Последните осум викенди пред трката ми беа доста ригорозни, со тренинг во минимум две дисциплини дневно, во траење од неколку часа – вели таа.

Стековиќ објаснува дека иако станува збор за индивидуален спорт, цел еден тим во сенка стои зад неа.
– Моите другарки и пријатели се заинтересираа и ме поттикнуваат во текот на целиот процес. А семејството, јас никогаш не би можела ова да го постигнам, да ги немав поддршката и разбирањето од семејството. Ме поддржуваат потполно и ми се чини дека во Аризона на нивната среќа и гордост им немаше крај – завршува Јасмина.

Сподели