Два сребрени и два бронзени медали освоија учениците што ја претставуваа Македонија на 7. Европска олимпијада по физика, која заврши денеска во Хановер, Германија. Ова е најголемиот успех во досегашното учество на Европската олимпијада.
Сребрен медал освоија Јан Стојановски, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје и Мајкл Георгиевски, ученик во четврта година во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци, бронзен медал освоија Емилија Николовска, ученичка во трета година во Математичко – информатичка гимназија – Скопје и Матеј Гелев, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје. Гелев првично имаше освоено пофалница, но комисијата за спроведување на Европската олимпијада по физика, после официјалната церемонија за затворање на олимпијадата, изврши корекција на границите за доделување медали во конечните резултати и нашиот олимпиец, сепак се закити со медал.

Во тимот учествуваше и достојно го покажа своето знаење и Дамјан Стојанов, ученик во втора година во ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје.
Тимот го предводеа проф. д-р Ирина Петреска, редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје и член на ДФРМ и м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ.
На 7. Европска олимпијада која се одржа од 16 до 20 јуни учествуваа 38 држави и тоа 28 држави од Европа и 10 држави надвор од Европа. Секоја од државите на олимпијадата имаше право да пријави тим од 5 ученици.
– Друштвото на физичарите се заблагодарува на водачите на тимот кои презедоа најголем товар при подготовките на учениците, како и на дипл. инж. Гоце Геговски и проф. д-р Трифче Сандев од Институтот за физика при ПМФ во Скопје, кои исто така посветија голем дел од времето за успешна подготовка на тимот. ДФРМ им се заблагодарува на Институтот за физика и на ПМФ за помошта при подготовката на тимот и отстапувањето на простор и опрема. Им благодарима на родителите на учениците, кои го презедоа најголемиот дел од финанскиот товар за учество на тимот на оваа олимпијада. Останатите средства беа обезбедени од страна на ДФРМ. ДФРМ им честита на сите ученици за достојното претставување на Македонија на оваа олимпијада и на наградените ученици – вели Ламбе Барандовски, претседател на ДФРМ.
Наградените ученици се дел од тимот кој ќе ја претставува Македонија на 53. Меѓународна олимпијада по физика во Токио, што ќе се одржи во јули.
Фото: ДФРМ





