Три детски претстави викендов во „Паблик рум“

Три детски претстави се на репертоарот на „Паблик рум“ во Скопје викендов. Претставата „Супер Вселенко и роденденската торта“ ќе биде изведена денеска во 11 часот во „Паблик рум“ во Скопје. Супер Вселенко доаѓа во магичната шума и се вработува како дистрибутер на торти. Но таму живее Гавранко кој упорно сака да ги уништи тортите. Низ низа предизвици, интерактивни игри и разговори и преку ликовите на Вселенко, Еленко и Гавранко отвораме една важна тема за дискусија: прифаќање на различитостите. Претставата е во режија на Јоана Симоновска.

Претставата е интерактивна и забавна претстава за деца од три години нагоре.
Во 14 часот ќе имате прилика да ја проследите „Рибарот и златната рипка” по истоимената сказна на А. Пушкин преточена во прекрасно, незаборавно, театарско доживување. Претставата е наменета за деца над три години и трае 45 минути. Улогите ги толкуваат: Владо Дојчиновски, Пируника Киселички, Дубравка Киселички и Давид Илиќ.

Утре точно на пладне ќе следува претставата „Чудесниот напиток” на Театар Елец. Претставата е авторска приказна за еден чудесен ден на младите волшебници, инспирирана од познатите книги и филмови. Ова е поучна приказна која низ многу забавни и магични театарски игри, ги истакнува љубовта, другарството и вербата како најголеми сили и моќи на човештвото!

Сподели