Помогнете им на птиците да ја преживеат зимата

Едноставни хранилки за птици ќе им помогнат многу на птиците во ладните зимски денови, особено кога температурите паѓат под нулата и има снежна покривка, кока тие имаат потешкотии да најдат храна во околината, велат од Македонското еколошко друштво (МЕД).

– За среќа е потребно малку. Непечени кикирики, суво овошје, непечени семиња – сончоглед, семки од тиква, пченица… сето ова може да биде вистинска гозба за птиците кои со денови се во потрага по храна. Погледнете ги хранилките кои нашиот Славе Накев ги има поставено, и неговите редовни „гости“. Изработите слични хранилки за птици и испратите ни ги вашите фотографии – велат од МЕД.

Нивните екипи во текот на месецов вршеа зимско пребројување на водните птици во Македонија. МЕД е активен учесник во Меѓународното пребројување на водните птици веќе 15 години! Поделени во неколку тимови тие ги броеја птиците на бреговите на Преспанското Езеро, Мантово и на Велешко Езеро.

Фото: МЕД

Сподели