На 63 години почина ликовниот уметник Димче Исаиловски, современ сликар од средната генерација. Дипломирал во 1985 година на Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство, во класата на проф. Димитар Кондовски. Имал 20-ина самостојни изложби, меѓу кои во Торонто, Отава, Вашингтон и Њујорк, а реализирал и повеќе самостојни мултимедијални проекти. Бил на студиски престој во Франкфурт, Болоња, Венеција, Париз, Истанбул и Анкара. Беше член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Исаиловски беше и наш познат илустратор на детска илустрација. Се занимавал со илустрација веднаш по дипломирањето. На последното издание на Интернационалниот фестивал на литература и илустрација „Литера“ во Музејот на град Скопје, Исаиловски учествуваше на конференцијата на тема „Македонска современа сликовница“.
Професорот Александар Цветковски, еден од доајените на македонската илустрација, имал обичај сите студенти да ги праќа во „Детска радост“ за да ги „зарази“ со илустрација. Во тоа време било вообичаено уметниците да бидат вработени во институции.

– Наскоро по дипломирањето и јас се пријавив на конкурс и ме примија во „Детска радост“. Во тоа време почитта меѓу писатеите и илустраторите беше на високо ниво, а конкуренцијата беше голема. Секој од илустраторите имаше по 20-30 книги. А големите уметници како Кондовски и Туниќ од илустрирање на една книга можеа да си купат автомобил. Кога одевме во Болоња, штандот на македонската илустрација беше навистина познат – раскажа Исаиловски.





