Тоше Поп-Симонов беше гениј, исклучително духовит човек, нашиот Квинси Џонс

Македонската естрада, пријатели и роднини денеска се простија од Тоше Поп-Симонов, композитор, продуцент, аранжер кој остави длабока трага во македонското музичко творештво. Комеморацијата се одржа во Младинскиот културен центар. Тој е македонскиот Квинси Џонс, истакна Дарио Панковски преку видеопорака.

– Тоше е нашиот Квинси Џонс, најхаризматичната, најинтелигентна, најпродуховена и најдуховита личност што сум ја запознал во животот, човек, човечиште, другар. Пола од моите најголеми хитови се или продуцирани или аранжирани од него или тој го напишал текстот“, кажа Панковски.

Со Тоше на свој начин се опростија и споделија свои спомени Верица Пандиловска, Ена Веко, која стана првата рап пејачка кај нас токму благодарение на Поп-Симонов. За Драган Б. Костиќ гитарските вештини на Поп-Симонов се споредливи со тие на Гери Мур.

-Тоше беше генијален човек, талентиран за повеќе работи, од неговиот прв бенд ‘Бастион‘, па ‘Асторија‘, до неговите песни за Макфест, кои звучат поразлично и подобро од оние што денес се прават во најсовремени студија. Тоше ќе го паметам и по неговото капче и да знаеш, од денеска, секогаш кога ќе го ставам на глава, ќе помислувам на тебе“, рече Игор Џамбазов во видеопорака.

Поп-Симонов ја почна својата музичка кариера во 1980-тите. Беше еден од основачите и гитарист на култната рок група „Бастион“, а потоа и гитарист на рок групата „Асторија“. Меѓу другите, ги промовираше Ена Веко и „Студени нозе“, што беше негов продукциски проект. Како композитор, снимател, продуцент или аранжер работеше на албуми и синглови на „Мизар“, Владо Јаневски, „Меморија“, Дарио, „Силви бенд“, „Анастасија“, Дуле и Коки, „Куку леле“, Верица Пандиловска и бројни други.

Фото: Јутјуб/принтскрин

Сподели