Документарно-играниот филм „Ветената земја“ во режија на Ќендрим Ријани ќе биде премиерно прикажан вечерва во 19 часот во киното „Фросина“ во Скопје. Станува збор за филм што обработува помалку познат аспект од депортацијата на Евреите од Скопје во март 1943 година, односно т.н „албанска врска“, каде со помош на Албанци од Македонија, Косово и Албанија се спасени голем број Евреи. Во Албанија, тие се прифатени од албански семејства, а поради италијанската окупација нивниот третман не е толку строг како во земјите под директна германска, нацистичка окупација. Голем дел од бегалците Евреи во Албанија добиваат лажни документи, се натурализираат и наскоро започнуваат да работат таму, прифатени како „свои“.

Сценариото е на Венко Андоновски, а продукцијата – „Трипл С“. Филмот е финансиран од македонската Агенција за филм.
Филмот се базира на историски податоци собрани од албански историчари, но во голема мера има играна ориентација, бидејќи обработува уметничка реконструкција на вистински настани објавени во книгата „Мојот живот под нацистичка окупација – Мемоари на Мими Камхи Ергас – Фараџи“.

Филмот ја следи голготата на преминувањето на албанската граница од страна на Мими и нејзиниот сопруг Алберто, кои, предупредени од албански пријател за неодамнешна полноќна рација, ги оставаат сите други членови на семејството Фараџи и бегаат неколку часа пред рацијата: Мими е бремена, и станува збор за избор – живот за новото бебе што доаѓа во безбедна Албанија или заедничка смрт со целото семејство.






