Младинскиот културен центар-Битола како една од водечките волонтерски организации во нашата земја го координираше и организираше вториот „Ден на добри дела“ во Македонија, со различни активности во текот на април. Денот на добри дела е меѓународен ден на волонтерска и хуманитарна работа што започнал да се прославува од 2007 година, како иницијатива на непрофитна организација и има за цел да ги обедини луѓето од целиот свет да прават добри дела за другите жители на планетата. Во 2025 година во оваа глобална волонтерска и хуманитарна иницијатива беа вклучени повеќе од 115 земји во светот.

Во нашата земја беа реализирани вкупно 14 волонтерски акции со директно вклучување на повеќе од 300 волонтери и повеќе од 1.000 корисници/учесници. Преку објавите и написите на социјалните и традиционалните медиуми, неколку десетици илјади луѓе беа запознати со активностите на Ден на добри дела на национално ниво.

Денот на добрите дела во Македонија промовираше солидарност, волонтирање и помагање на ранливите и маргинализираните групи во општеството преку директно вклучување на волонтерите во правењето добро во нивните локални заедници. Корисници на нашите акции беа ученици од основните и средни училишта, жени жртви на семејно насилство, стари лица, лица со посебни потреби и други граѓани со потежок социјален и економски статус.

Денот на добри дела 2025 беше национална акција во седум града со поддршка и соработка на партнерите на МКЦ-Битола: АДИ Гостивар, Паблик, Лице в лице Скопје, Организација на жени на општина Свети Николе, СППМД Кавадарци, Станица ПЕТ Прилеп и Ротари клуб Битола-Широк сокак.






