Тоше Перчинковски од Скопје изработил сопствен модел на олдтајмер (ГАЛЕРИЈА)

По професија е машински техничар. Две и пол години траел проектот на репарација на автомобилот Mercedes w123, произведен во 1979 година во Германија

Воден од желбата да има автомобил „мерцедес“ од педесетите години, Тоше Перчинковски од Скопје изработил сопствен модел на олдтајмер. По професија е машински техничар. Две и пол години траел проектот на репарација на автомобилот Mercedes w123, произведен во 1979 година во Германија.

– Автомобилот го набавив 2019 година во возна состојба од Штип. Сакав да поседувам „мерцедес“ од 50-тите години, но финансиски тоа не можев да си го дозволам. Затоа одлучив да набавам „мерцедес“ од 70-тите години и рачно да го преправам да изгледа како постарите модели и да има уникатен изглед – вели Перлинковски.

Реставрацијата и преправката на каросериските делови траела повеќе од две и пол години. Најголем проблем му била изработката на заоблените делови, бидејќи сè е изработено од рамен лим. Деловите ги набавува од Германија и од Србија и сите се оригинални.

– Ова хоби е навистина скапо, но јас имав поголем проблем, бидејки мојата рачна преработка (custom made) мораше да биде по сите стандарди, европски нормативи и регулативи за да можам да добијам атест. Има промена на сите светлосни уреди, на задното ветробранско стакло и преправка на каросериски делови, и автомобилот е регистриран – вели Перчинковски.

Кога вози низ Скопје, секогаш добива позитивни реакции, одушевување и поддршка.
– А најбурни реакции добивам кога ќе се појавам на некоја свадбена свеченост, каде младенците уживаат да се фотографираат – раскажува Перчинковски.

Тој планира да ја зголеми колекцијата. Неодамна набавил уште еден модел на „мерцедес“ на кој планира да рабити во иднина. На прашањето дали го изнајмува автомобилот на некоја пригода, сведба или свеченост, тој потврдува, но има еден услов:
– Возилото го возиме само јас и мојот син.

Сподели