Сето она што на политички план се случува кај/со нас буди интерес и за самата земја, нејзината култура, литература и особено за македонскиот јазик – вели м-р Златко Панзов лектор по македонски јазик во Будимпешта
Најновите, политички мотивирани напади против македонскиот јазик и македонскиот идентитет денес, тажно и апсурдно, ги актуелизираат истите прашања кои Блаже Конески, пред 60 години толку точно, прецизно, сèопфатно и научно ги образложи и даде неприкосновени научни одговори на истите, вели м-р Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, Унгарија и преведувач. На Катедрата за славистика на Институтот, деновиве се одржа промоција на книгата „За македонскиот јазик“ од Блаже Конески на унгарски јазик. Панзов го направи изборот на текстови, а на унгарски јазик ги преведе м-р Анамарија Цинеге-Панзова, поранешен лектор по унгарски јазик на Филолошки факултет „Блаже Конески“ и преведувач. Со нив разговараме како помина промоцијата, што значи денес да се преведува делото на кодфикаторот на современиот македонски јазик на друго слово.

Од промоцијата на Катедрата за славистика
– Многу сум задоволен како помина настанот и покрај ситуацијата со пандемијата побуди голем интерес и посетеност. Ова е трета година како организирам Денови на македонска култура во Будимпешта и гледам дека има интерес за нашата култура. Сето она што на политички план се случува кај/со нас буди интерес и за самата земја, нејзината култура, литература и особено за македонскиот јазик – вели Панзов.
Тој верува дека истото се случува и во други земји, но останува на нас како ќе ги искористиме приликите, како ќе ја презентираме нашата култура, дали воопшто ќе направиме нешто.
– Време е за стратегија, заеднички настап на повеќе институции, сериозна поддршка на иницијативи, едноставно, нема потреба да измислуваме топла вода, само треба да го применуваме она што го прават многу земји во Европа, па и светот – вели тој.
Најзначајните студии за македонскиот јазик на унгарски
При изборот на текстови застапени во книгата, сакале да ги пренесат на унгарски јазик најзначајните, основните студии посветени на македонскиот јазик, неговата афирмација во светот и неговото историски оправдано место во групата на словенски јазици.
– Избраните текстови од Конески сосема природно водеа кон тоа да ја додадеме и статијата „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“ на Крсте Петков Мисирков, со што направивме една заокружена целина која сосема јасно, прецизно и во континуитет го објаснува процесот на кодификацијата на македонскиот јазик. Делото на Мисирков даде цврста основа, програма и пример на создавање на литературниот јазик, јазичниот стандард, по кој се воделе кодификаторите на современиот македонски јазик, секако приспособувајќи се на новото време, токму како што и самиот Мисирков порачува во своето дело. Програмата на Мисирков, всушност, ја реализираше Конески и неговите соработници за време и по Втората светска војната, кога конечно се создадоа услови за решавање на македонското јазично прашање и за признавањето на посебноста на македонски идентитет – објаснува Панзов.

М-р Златко Панзов
Според Цинеге-Панзова, тешко било текстовите на Конески да се пренесат на унгарски, но истовремено претставувало и предизвик. Текстови се напишани во шеесеттите години на минатиот век, и делумно носат карактеристики на тоа време.
– Најтешко ми беше да го пренесам тој јасен стил, исполнет со многу информации, реченици наоружени со стручни факти и аргументација, кои небаре нанижани на конец со јасна логика ја градат целината на текстот. Најтешко беше да се репродуцира тоа, иако многу лесно се разбира и како резултат на тоа многу лесно се следи мисловната нишка на текстот, што се должи на грижливо формулирани реченици, со зборови кое се прецизно поставени на сопственото место. А сето тоа да се пренесе во една сосема поинаква синтакса… да се пронајде истата рамнотежа и хармонија и да се предизвика истиот ефект– не е лесно – вели Цинеге-Панзова.
Таа објаснува дека тоа не се само научни текстови, туку и еден вид научно-информативна литература – за поширока публика, и на некои места дури имаат и есеистички призвук.
– Тоа можеби се должи на фактот, имам такво чувство, дека избраните текстови – или барем нивната основа – на времето, всушност, биле напишани за настап, за читање пред публика, за конференции итн. Значи, морало да бидат напишани на таков начин, затоа од една страна се информативни, а од друга страна лесно разбирливи и може да се ужива во нив – вели таа.
Анамарија Цинеге-Панзова: Кога го прочитав текстот на Мисирков, сè ми беше јасно
Во процесот на работа најмногу ја воодушевил стилот на Конески, како со прецизни податоци и цитати, јасно и неприкосновено ги изложува и фактите и историските околности за почетоците на кодификацијата, афирмацијата и го оправдува местото на македонскиот јазик во семејството на словенските јазици.
– Но, кога го прочитав и текстот на Мисирков, сè ми беше јасно. Конески имаше голем претходник во пишувањето на таков вид на текстови: собирање и анализа на сите потребни информации и знаења, сите факти, историски околности и политички стремежи и на сето тоа со прецизно изградена аргументација и синтеза е јасно и логички изложено, и се стреми кон точно утврдена цел. Вистинска програмска литература. Мора да се согласам со Конески, дека не би било можно македонскиот јазик толку брзо да ја постигне полнотата на изразот во сите делови на општествената употреба по неговото „воведување“ – како официјален јазик на СРМ, доколку не би бил веќе подготвен за таквата употреба во моментот на својата кодификација. А тоа го докажува и текстот на Мисирков, што датира од 1903 година, во кој еден сјаен ум образложува комплетна програма за развојот – т.е. политичко и културно осамостојување на својата нација, и тоа на убав, разбирлив, логичен и чист македонски јазик (на своето време и по сопственото убедување). А моите маки како преведувач потекнуваат од истата перфекција на изразот… Тешко е да се натпреварува со вакви текстови, дури и кога човек не мора веќе да ги напише (да ги измисли), туку само треба да ги пренесе на сопствениот јазик – вели Цинеге-Панзова.

М-р Анамарија Цинеге-Панзова
На прашањето колку е суштинско едно литературно дело да се преведува од оригиналот, таа вели дека од оваа пракса многу ретко се отстапува, барем кога се работи за литература и научни текстови. Токму тоа е работата на преведувачот – текстот напишан на научениот странски јазик да го преведе на сопствениот јазик.
– Од посреден јазик досега сум преведувала само авторски текстови, кога самите автори дозволувале да се работи со посредство на квалитетен унгарски превод, во недостаток на преведувачи од оригиналниот јазик. Секако, некогаш е добро за некои потешкотии да се консултира (да се види пример од) друг превод – доколку постои. Како некој решил некаков преведувачки проблем на друг јазик, или најдобро е да се консултира самиот автор – доколку е можно тоа, ако авторот е жив и достапен. И секако од голема помош е да имате човек кого можете во секое време да го прашате кога ќе се запнете некаде (или да работите како „тандем“, иако тоа создава и проблеми), но за конечната верзија секако решава самиот преведувач – вели Цинеге-Панзова.





