Седум тима со многу аргументи и хумор учествуваа на дебатата „Чамец за спасување“ со кој вчера на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје беше одбележан 16 Февруари, Меѓународниот ден на антропологијата. На предизвикот учествуваа студенти по биологија, географија, драмски уметности, етнологија и антропологија, филозофија, хемија и специјалниот гостин од Универзитетот во Марибор – бизнис и економија.

– По тајното гласање од присутните, победници се Синан и Надица од Факултетот за драмски уметности, отсек актерска игра! Тие како награда добија пехар и медал и ранче со најпотребното за долгиот пат кон друга планета: кило леб, тегла ифрит лут ајвар и куп салфетки со дизајн од 50 евра, за патарини – велат од ИЕА.

Второто место го освоија студентите Лина и Неда од биологија (отсек екологија), а третото – Бети, претставничка од хемија, која изведе и експеримент во живо. Вселенскиот брод симболично беше испратен со изведба на песната „Параходот“ од страна на студентскиот бенд при ИЕА, по што следеше „Чукни во дрво“.
Актерите го освоија пехарот со стиховите:
„Ако светот цел го снема
ако човек нигде нема
еден само да се спаси
ќе му фалат сите раси.
Ќе му треба мудар совет
за душата храбар поет
еден планови што крои
и еден што знае да брои.
Ама ако сал едно место има
во бродот низ ѕвезди што плива,
нека го земе кој што сака
ич нема да ни биде мака.
Глумецот е рода на сечиј сон
не умира ни од куршум ни од гром
ние сме: земја, воздух, оган, осека и плима
сè дури за нас аплауз има.“





