Студентите децидни: И едно барање да ни биде одбиено, ќе излеземе на мирен протест

На комисијата за измените на Законот за студентски субвенциониран оброк што е закажана за 16.30 часот ќе присуствуваат и претставници на студентските тела и од Министерството за образование и наука

Доколу собраниската комисија по предлог-измените за студентски субвенциониран оброк, што треба денес да расправа во 16.30 часот, одбие некое од барањата на студентите, Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе повика на протест, велат оттаму. „Во случај само едно барање да биде одбиено, како тело кое ги застапува правата и интересите на преку 21.100 студенти, чувствуваме одговорност и обврска да бидеме организатори на мирен студентски протест и ќе ги повикаме сите универзитетски собранија и на другите универзитети“, дополнуваат тие.

На комисијата за измените на Законот за студентски оброк ќе присуствуваат и претставници на студентските тела и од Министерството за образование и наука. Меѓу измените што беа понудени беа тие студенти што земаат стипендија да не добиваат субвенциониран студентски оброк, да им се укине оваа придобивка на апсолвентите ако студентот доаѓа од фамилија во која има две мининални плати и други услови.

По изнесените предлог-мерки во јавноста имаше големо незадоволство меѓу студентите, но и јавна поддршка за нив. УСС како најзасегната страна во целиот процес, веднаш излезе со прецизен и концизен став дека не се согласува со новопредложените мерки.

Тие побараа:
– Секој што е корисник на стипендија да продолжи да биде корисник на ССО;
– секој што е апсолвент да продолжи да биде корисник на ССО;
– бројот на положени предмети и освоени кредити да нема никаква улога во процесот;
– како критериум да бидат земени само примањата на студентите;
– студентите кои се со еден или без родители и имаат право на пензија, да не бидат ставени во групата студенти кои добиваат примања.

-Како УСС веруваме дека институциите и останатите чинители ќе го слушнат гласот на студентите и целиот процес ќе се заврши по институционален пат – вели Славчо Темелковски, претстедател на УСС.

И универзитетските собранија на останатите државни универзитети – „Св. Климент Охридски“ од Битола и „Гоце Делчев“ од Штип го кренаа својот глас против предложените измени.
-УСС УКЛО не гo поддржува новиот предлог зa Студентскиот оброк и сметаме дека би било тема на дискриминација на студентите по разни основи. Овие средства се од значење за студентите на целата територија на државата, а со оваа постапка повторно би се одело по патот на дискриминација која беше направена и минатата година со покачувањето на стипендиите, повторно нееднакво за сите. Се надеваме дека на средбата во Собранието ќе најдеме соодветно и прифатливо решение за сечија страна, со што ќе се стремиме кон градење академско општество, каде секој студент ќе биде мотивиран да придонесува со сите свои вештини и компетенции кои ги поседува! – велат од УСС УКЛО.

Со новите измените на Законот се предвидува зголемување на дневната субвенција од 120 на 140 денари за студентски оброк. Но, за разлика од првичната примена на Законот во време на пандемијата, која овозможуваше студентите да примаат по 120 денари и месечно им се собираа околу 2400 денари што ги добиваа на трансакциска сметка и ги користеа за покривање на различни трошоци, сега средставата ќе се користат стрикно за студентски оброк. А, ќе бидат склучени договори со угостителски објекти од кои се бара намалување на цените на услугите за 30 отсто, а не за 10 отсто, како што беше во првичниот текст на Законот.

Сподели