Објектите до лани беа во исклучително лоша состојба – локалитетот беше истражен, недоистражен, откриените објекти без конзервација, со импровизирана заштита дотрајана и распадната од ветрови и врнежи, а фрескоживописот на дел од владетелската палата беше во фаза на распаѓање
Конзерватори и реставратори ги заштитуваат репрезентативните објекти на археолошкиот локалитет Градиште кај селото Кнежје, Светиниколско, за кој археолозите тврдат дека е градот Билазора, античката престолнина на Пајоните. Објектите до лани беа во исклучително лоша состојба. Локалитетот беше истражен, недоистражен, откриените објекти без конзервација, со импровизирана заштита дотрајана и распадната од ветрови и врнежи, а фрескоживописот на дел од владетелската палата – најрепрезентативен објект на локалитетот беше во фаза на распаѓање.

Состојбата на локалитетот лани
На локалитетот од 2018 година немаше никакви активности, сè до годинава. Доминантни истражени објекти на локалитетот се владетелската палата, храмот и помошните објекти. За жал палатата не се целосно истражена, вели археологот проф. д-р Драги Митревски од Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, кој долги години беше раководител на ископувањата на локалитетот.

Проф. д-р Драги Митревски / Фото: принтскрин „ТВ24“
– Околу 20 отсто од објектот е на приватно земјиште и веќе седма година тој проблем не може да се реши. На простор од 10 до 20 метри објектот не е истражен и ни ги сокрива остатоците од скоро цело јужно крило на палатата – вели Митревски за „ТВ24“.
Д-р Митко Штерјов, директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип, под чија наделженост е објектот, вели дека на сите археолошки локалитети освен ископувања мора да бидат спроведени и конзерваторски активности.
– Тоа мора да се стори ако сакаме да ги ставиме во функција на туризмот. Кога ќе дојдат посетителите да има што да видат – вели Штерјов.

Д-р Митко Шетрјов / Фото: принтскрин „ТВ24“
Според деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев, локалитетот би можел да има огромно значење не само за културата, туку и за културниот менаџмент и економијата, особено на Општина Свети Николе.
Конзервацијата е поддржана од Министерството за култура. До лани локалитетот беше во многу лоша состаојба. Проблемот во суштина беше во лоша комуникација помеѓу повеќе институции надлежи за локалитетот. По пишувањата на Умно.мк и на други медиуми за состојбата на Билазора, се вклучи и Министерството за култура кое од годинашната програма за проекти од национален интерес одобри буџет за конзервација кој го спороведува Заводот и мзуеј од Штип.

Фото: принтскрин „ТВ24“
Убикацијата на Билазора прв ја дал професорот и археолог Иван Микулчиќ во 1976 година. Посериозните истражувања почнаа во 2008 година кога археолозите пронајдоа дел од влезната врата и од бедемот на акрополата на градот. Во наредните години продолжија истражувањата во кои беа вклучени и археолози од Фондацијата за археолошки и историски истражувања од Хјустон, Тексас, а учествуваа и археолози од повеќе земји.

Локалитетот се простира на површина од повеќе од 20 хектари. Митревски вели дека според движните наоди и белезите на архитектурата, резиденцијалната палата била во употреба во 5 и 4 век пр.н.е. Во тоа време, кога со Долномакедонското кралство владееле Александар Први или Пердика Втори, според историските извори, на оваа територија можело да има само пајонски владетели. Тие имале независност од македонската империја за да ја чуваат од северните напади. Митревски додава дека ги спомнува Тукидид во втората половина на 5 век пр.н.е – независните Пајонци, а нивниот најголем град бил Билазора.

Хомер ги спомнал Пајонците во култната „Илијада“. Тие се бореле на страна на сојузниците, под ѕидините на Троја. Кога ги опишува сите народи нему познати кои учествувале во војната, ги спомнал „Пајонците од широкостројаниот Вардар“.





