Студенти од пет земји основаа Регионална студентска истражувачка мрежа

Студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, заедно со свои колеги од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Албанија ја формираа Регионалната студентска истражувачка мрежа. Идејата за основањето на Мрежата, што ќе ги опфати студентите од државите од Западен Балкан, е да овозможи нивна соработка во истражувачки проекти, активности кои отсуствуваа во оваа област на студенсткото поврзување.

Се очекува, покрај соработката во проекти со истражувачки дијапазон, да се развива и нивното поврзување во прилог на зајакнување на нивните академски вештини и ќе придонесе за развој и зајакнување на студентскиот стандард и квалитет на академските студии.

Претсетдателката на Универзитетското студентско собрание при УКЛО, Дона Петрова, проектниот координатор Димитар Врглевски и Искра Талевска, проектен асистент остварија средби со колегите и партнерите од другите четири земји од Регионот во врска со воспоставувањето  и содржината на РСИМ при што се потпишани писма за спремност за соработка и разгледани се и други потенцијални можности за соработка.

Развојот на идејата опфати работни средби со студенти и универзитети во Белград, Сараево, Подгорица и Драч.

Со цел да се постигне поголема  ефикасност и ефективност на Мрежата, во периодот од 21 до 23 октомври во Охрид ќе се одржи првиот состанок на Советот на Регионална студентска истражувачка мрежа.

Фотографија: rts.rs

Сподели