Научен собир посветен на Анте Поповски и 90-годишнината од неговото раѓање се одржа викендов во Лазарооле. Собирот е дел од четвртата поетско-културна манифестација „Антево перо“. Годинава, научниот симпозиум посветен на волуменозниот опус на Поповски доби и меѓународен карактер.
Првата сесија на симпозиумот, насловена „Тајнопис“ започна со реферат на академик Ала Шешкен од московскиот државен универзитет „Ломоносов“, којашто воспоставувајќи научни синтези меѓу влогот на Конески и Поповски за македонската книжевност и култура, претстави темелит пристап во растајнувањето на Антевиот влог во македонствувањето, согледан и од перспективата на една друга култура. Двата јубилеи – 100 години од раѓањето на Конески и 90 години од раѓањето на Поповски беа повод преку нивните дела, преку Блажевата „строгата и проста песна“ и Антевата „македонска песна“ да се согледа и еден критички приказ на кодот на македонската култура на втората половина на XX век. Потоа, на симпозиумот настапија и Венко Андоновски и Весна Мојсова-Чепишевска, коишто преку своите истражувања овозможија досега неприменети пристапи во исчитувањето на поезијата на Поповски, со коишто се допира до сега немногу согледани интерпретативни рамништа. Одделен аспект беше читањето на Антевата поезија од страна на странските македонисти, преку учебникот „Везилка“ на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Во втората сесија учествуваа Кристина Николовска, Бојан Ортаков, Филип Фиданоски и Иван Антоновски, при што се отворија повеќе нерастајнети прашања за Анте Поповски не само како поет, туку и како културен придвижник, есеист и клучно – како книжевен истражувач. На почетокот на сесијата се отворија повеќе прашања за севкупниот поетско-есеистички Антев опус, по што се говореше и за Антевиот поетски влог во македонската современа музика, а во завршницата на сесијата беше посветена на еден целосно нерастајнет сегмент од творештвото на Поповски – есеите, без чиешто темелито исчитување, всушност е и неостварлива целосна валоризација на севкупниот Антев подвиг. Притоа, одделно се говореше и за Анте Поповски како истражувач на средновековието – медиевист и вонсериски познавач и истражувач на македонските средновековни ракописи. Меѓу другото беше посочено дека Антевиот влог во растајнувањето на средновековието е речиси целосно неистражен, а дека всушност, Поповски, уште во осумдесеттите години на минатиот век применува пристап којшто недостига во исчитувањето на средновековните текстови – пристапот кон нив како кон книжевен текст којшто може да се анализира со примена и на современите книжевни теории, а не само како кон книжевен споменик и изворник за лингвистички анализи.
На симпозиумот се водеше и плодотворна дискусија, од којашто се согледа дека творештвото на Анте Поповски сѐ уште не е целосно растајнето и дека е предизвик за македонската наука. Притоа се согледаа и прашања коишто ќе треба да се опфатат во натамошното научно исчитување на неговото творештво, вклучително и преку следните изданија на симпозиумот, којшто веќе постанува традиционален – особено прашања за есеистичкото творештво.
Инаку, раководител на симпозиумот беше Кристина Николовска, а секретар Иван Антоновски. Од симпозиумот веќе се подготвува и зборник на научни трудови, во којшто покрај презентираните трудови ќе бидат објавени и нови научни трудови за Антевото творештво, од уште неколку книжевници и лингвисти коишто не беа во можност да учествуваат на манифестацијата во Лазарополе – меѓу нив и Емилија Црвенковска, Бранко Цветкоски, Сузана В. Спасовска и Александра Јуруковска. Се очекува овој зборник да биде досега најобемниот, посветен на творештвото на великанот Анте Поповски.
Во Лазарополе, во рамките на манифестацијата се одржа и вечер со Антевото творештво – „Одблесоци“, со читање на омилените стихови од Анте и споделувајќи свои интерпретации од учесниците на манифестацијата.





