Стефоска вети ресурси за едукација на младите и помалку искусните уметници

Да се обезбедат услови и ресурси за едукација на младите и помалку искусните уметници и културни работници за успешно аплицирање на годишните конкурси на Министерството за култура беше договорено на вчерашниот состанок на министерката за култура Ирена Стефоска и „Јадро – Асоцијација на независната културна сцена“. Стефоска го потенцираше придонесот на независниот културен сектор во 2018 година за понатамошниот развој и идејното обликување на оваа дејност. Таа ја искажа потребата од заеднички дијалог и партнерски однос за усовршување на состојбата на независната културна сцена.

Беше разговарано за веќе почнатиот процес на дигитализација на Конкурсот за проекти од национален интерес за 2022 година и решавањето на конкретни забелешки во врска со корисничките договори и бирократизацијата на процесот. Беше потенцирана и потребата од опфаќање нови профилни дефиниции во однос на статусот на самостоен уметник.

Беше истакнато и значењето да се поддржат новите модели на цивилно-јавно партнерство во културата, особено значајни за нејзина децентрализација, земајќи го како пример Културно-социјалниот простор „Подиум – Јадро“ во Кавадарци, кој го опслужува Тиквешкиот Регион.

 

Сподели