Стипендиите зголемени на 6.050 денари, 18.000 денари месечно за студиски програми по хемија, физика и математика

Вкупно 2.840 стипендии од по 6.050 денари се предвидени во академската 2021/22 година, а стипендиите за студенти запишани на студиски програми по хемија, физика и математика остануваат на 18.000 денари месечно, рече денеска министерката за образование и наука Мила Царовска на средбата со претставници на студентските и средношколските организации и сојузи.

Целта е да се стимулира и вреднувa трудот, знаењата и успесите нa добрите студенти и да се подобри стандардот на младите. Владата ги усвоила промените со кои освен зголемување, се проширува и опфатот на студенти со стипендии, се воведуваат нови и се враќаат стипендии кои биле укинати во минатото. За оваа намена годишниот буџет е зголемен за 35 отсто.

– Ќе доделуваме стипендии за студенти во 11 различни категории. За 9 категории износите ги изедначуваме и ќе бидат 6.050 денари на месечно ниво, што значи пораст во однос на тоа што досега се доделуваше како износ од 3.300, 4.000, 4.400 денари. За студенти запишани на студиски програми по хемија, физика и математика стипендијата е 18.000 на месечно ниво. Туак стимулацијата е најпотребна, бидејќи се соочуваме со преголем дефицит на овој тип на кадар – рече Царовска.

Студентските здруженија ја поздравија одлуката за зголемување и проширување на категориите на стипендии и истакнаа дека се задоволни од одлуката. За сите видови стипендии ќе се објавуваат конкурси и заинтересираните навремено ќе бидат информирани за сите услови, критериуми и рокови.

 

Сподели