Листата ù овозможува на конзерваторската заедница да одговори на специфичните потреби за заштита на подрачјето на ефикасен начин, но главниот товар останува на нас, велат од Министерството за култура
Потенцијалното впишување на листата во опасност на Охридскиот Регион за Македонија ќе значи дека сите локални и државни институции и граѓаните ќе мора да вложат екстра напор во наредниот период со цел да се одбегне деградацијата на регионот, велат од Министерството за култура. Во пресрет на гласањето на предлогот Охридскиот Регион да биде поместен на Листата на светско наследство во опасност на 44. сесија на Комитетот на светско наследство при УНЕСКО што се одржува во кинескиот град Фучжоу, од ресорното министерство за Умно.мк објаснуваат детаљно што значи тоа, какви механизми ќе се вклучат, каква помош можеме да добиеме од Светската организација за образование, наука и култура при Обединетите Нации.
– Впишувањето на листата за светско наследство во опасност, според дефиницијата на УНЕСКО значи: да се информира меѓународната заедница за условите кои ги загрозуваат самите карактеристики поради што доброто било запишано на Листата на светско наследство и да се поттикне акција за негово спасување. Впишувањето на областа во Листата на светско наследство во опасност му овозможува на Комитетот за светско наследство да алоцира итна помош од Фондот на светско наследство за загрозеното подрачје. Исто така, ја алармира меѓународната заедница за овие состојби со надеж дека таа ќе ги здружи напорите за да ги сочува и спаси овие загрозени подрачја – објаснуваат од Министерството за култура.
Ефикасен метод за заштита на подрачјето
Листата на областите на светско наследство во опасност овозможува на конзерваторската заедница да одговори на специфичните потреби за заштита на подрачјето на ефикасен начин.
УНЕСКО констатира дека дури и самите изгледи да биде впишан некој регион на оваа листа се покажало како ефикасно и може да поттикне брза акција за заштита.

– Впишувањето на подрачјето на Листата на светско наследство во опасност бара од Комитетот за светско наследство во консултација со засегнатата држава да развие и усвои Програма за корективни мерки и последователно да ја следи ситуацијата во подрачјето. Сите напори мора да бидат направени за да се обноват вредностите на подрачјето и да се овозможи негово тргање од Листата на светско наследство во опасност што е можно побргу – велат од Министерството.
УНЕСКО посочува и дека впишувањето на Листата на светско наследство во опасност сите земји не го доживуваат исто. Некои земји сами аплицираат за да бидат впишани области на таа листа и на тој начин да влезат во фокусот на меѓународното внимание и да обезбедат експертска помош за да ги решат. Други пак, сакаат да го избегнат впишувањето зашто го доживуваат како губење на честа.
Охридскиот Регион од 1979 година е впишан на светската Листа како природно наследство, а веќе следната година и како исклучително културно наследство. Опфаќа делови од Македонија и од Албанија, но двете земји формално заедно управуваат со регионот од втората половина на 2019 година.
– До сега соработката е отворена и искрена и помеѓу локалните и помеѓу владите. Но, сега е неопходно да се воспостави механизам за заедничко управување на највисоко политичко ниво за да се адресираат сериозните предизвици кои се нотирани и од наша страна и од страна на УНЕСКО – велат од Министерството за култура.
Планот за управување на Охридскиот Регион мора да се почитува
Во 2019 година на сесијата на Комитетот на светско наследство што се одржа во Баку експертската комисија препорача Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, но делегатите во последен момент изгласаа да им се даде уште една шанса на надлежните да почнат да ги решаваат проблемите. На прашањето што (не) беше сторено во меѓувреме што повторно се предлага Листата за наследство во опасност, од Министерството одговараат:
– Во изминатите две години беше постигнат значителен напрадок, зборуваме за македонската страна. Се работеше на колекторскиот систем, се чисти крајбрежниот појас и се усогласуваат релевантните урабанистички документи со Планот за управување, кој беше донесен во 2020 година, после десетгодишно блокирање. Пред нас е решавањето на сериозни прашања како патот Требеништа-Струга, рутата на железничкиот коридор 8, завршување на рехабилитацијата на колекторскиот систем и негово продолжување кон Радожда и Трпејца. Голем предизвик секако останува урбаниот развој и заштитата на културното наследство во градските средини.

Од Министерството за култура велат, каков и да е епилогот за Охридскиот Регион од 44. сесија, целиот товар за опоравување останува на Македонија и Албанија, како влади и локални самоуправи.
– Главниот товар останува на нас. Но, ние сме земја кандидат за членство во Европската Унија и тоа има големи предности, посебно од аспект на финансирање на големи проекти. Во однос на извештајот на експертската комисија, имаме инвентар на кој треба да се направи сериозна анализа кои објекти имаат потенцијален негативен импакт. Секако, сè она што е изградено спротивно на домашната легислатива мора да биде отстрането во најкраток можен рок – велат од министерството.
На прашањето има ли политичка волја планот за заштита на Охридскиот Регион да прерасне во закон кој ќе го одбрани споменикот од самоволието кое се случува со денеции, од Министерството одговараат:
– Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион е рамковен документ кој произлегува од закон. Наша должност е да ги усогласиме и другите закони кои можеби се косат со некои од режимите за заштита. Тоа е и уставна должност.
Фото: Pixabay





