Сретни се со зборовите на Владимир Мартиновски вечерва на „Тераса ТРИ“

Издавачкиот центар „Три“ за оваа книжевна среда го одбра поетот Владимир Мартиновски за средба со читателите. Вечерва во 19 часот на „Тераса ТРИ“, во дослух со сите форми, облици, ноти, бои и зборови на уметноста, ќе плетеме мрежеста зборовна ткаенина заедно со Мартиновски, велат од „ТРИ“.
– Зборовите ќе ни бидат игла, а ние ќе бидеме нишките. Еден по друг потег, заедно ќе направиме ткаенина. Ќе ги слушаме зборовите на Мартиновски, а позитивните мисли ќе се сплетат како одѕив на неговата прекрасна поезија! – вели издавачот.
Владимир Мартиновски е роден е во Скопје во 1974 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, каде што и магистрирал во 2001 година на тема „Интерференции меѓу македонската современа поезија и ликовните уметности“. Докторирал на Универзитетот Париз III – Sorbonne Nouvelle, на тема „Аспекти на екфразиската поезија: Ш. Бодлер, В.К. Вилијамс, С. Јаневски, В. Урошевиќ, Џ. Ешбери и И. Бонфоа“.
Работи како редовен професор по предметите „Компаративни поетики“ на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Се занимава и со музика. Учествувал во музички проекти и изданија на: Оркестарот од изворни народни инструменти „Пеце Атанасовски“, „Калдрма“ и „Баклава“.
Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици.

 

Сподели