Почна Канскиот фестивал, Македонија во официјална селекција со „Северен Пол“ на Марија Апчевска

Со промотивен штанд на Агенцијата за филм, Македонија е присутна на 74. издание на Канскиот филмски вестивал кој почна вчера и ќе трае до 17 јули. Промоцијата и презентацијата на македонската кинематографија е во рамките на Павилјонот на земјите од Југоисточна Европа. Годинава присуството на македонскиот филм на маркетот ќе биде во поголем фокус од страна на меѓународните филмски професионалци, особено поради фактот што за првпат имаме и филм во официјална селекција – краткометражниот филм „Северен Пол“ на Марија Апчевска, во продукција на „Кино око“, а поддржан од Агенцијата за филм.

Филмот на Апчевска светска премиера ќе има на 16 јули, во 11 часот во салата „Дебиси“. На проекцијата ќе присуствува и дел од екипата на филмот. За оваа пригода, на 15 јули Агенцијата за филм организира и коктел забава на која ќе бидат поканети соработници и претставници од европската и светската филмска индустрија.

– Ова е огромен успех за македонскиот филм и голем исчекор во неговото позиционирање на меѓународната филмска мапа. Овој успех на продуцентот и целокупната филмска екипа Агенцијата за филм го честита и преку официјална честитка во престижниот филмски магазин Variety, во печатеното дневно издание на магазинот на 10. јули – велат од Агенцијата за филм.

Во рамките на филмскиот маркет ќе имаме проекции на два филма: „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески, кој ќе биде прикажан задутре во 11.30 часот, во Palais F. Во истата киносала своја маркет проекција ќе има и филмот „Денот на жената“ на Гоце Цветановски, на 11 јули во 11.30 часот. На маркетот (06. – 15. јули), Агенцијата за филм како и секоја година досега, ги презентира најновите филмови кои се во пост продукција или се завршени, најновите каталози во кои се претставени сите нови филмски проекти реализирани во 2020 и 2021 година и филмовите во фаза на реализација, како и мерката за право на поврат на средства за снимање на странски продукции. Сите присутни на филмскиот маркет кои ќе го посетат павилијонот, а се заинтересирани за потенцијални идни соработки и иницијативи ќе имаат можност да остварат состаноци со претставници од Агенцијата. Покрај промотивниот штанд, Агенцијата за филм ќе биде присутна и на онлајн платформата на маркетот каде сите оние кои не се во можност да присуствуваат на физичкото издание на маркетот ќе имаат можност да ги проследат сите активности и информации преку виртуелната платформа Marche du film online.

На фестивалот се присутни Џоди Фостер, Мет Дејмон, Стив МекКвин. Главната ѕвезда на овој дел од програмата сè уште не е откриена.

 

 

Сподели