Новинарките Ирена Каревска, Христина Ѓорѓиевска и Арбана Ќерими ги освоија наградите на СЕММ и ОБСЕ

Новинарската приказна „Децата за кои не почна новата учебна година“ од Ирена Каревска објавена на „360 степени“ освои прво место на конкурсот за најдобри новинарски трудови со инклузивно известување во време на Ковид-19 што го објавија Советот за етика во медиумите (СЕММ) и ОБСЕ.

Според тричленото жири со кое претседаваше Љуљзим Хазири, во кое членуваа Билјана Петковска и Драган Секуловски, сторијата на Каревска опфаќа релевантна и содржајна тема поврзана со онлајн образованието за граѓаните под социјален ризик. Втората награда ѝ припадна на Христина Ѓорѓиевска од „Види вака“, за приказната „Коронавирус – борба низ иглени уши за работничките права“. Третата награда е доделена на Арбана Ќерими од „ТВ 21“ за „Трошна училница од 5 квадратни метри“

Пофалници добија „Самохраните мајки во пандемијата“ од Ана Зафирова, објавена на „Дојче Веле“ и Катерина Топалова за „Штипјанец им гради куќи на сирмашните“ емитувана на МТВ.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која ги повика сите медиумски професионалци да станат сојузници при бранењето на човековите права, спречувањето понатамошна стигматизација, ставањето крај на ширењето дезинформации, разбивањето на гласините и стереотипите и охрабрувањето квалитетно и објективно известување за различноста, истакна

Според Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ, инклузивноста подразбира да им се даде глас на сите во медиумското известување.

На конкурсот биле пријавени 41 новинарска сторија од 20 автори. Наградите се доделуваат со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Видеото од наградените приказни може да го видите ТУКА.

 

Сподели