Сребрен и бронзен медал за Македонија на Јуниорската балканска олимпијада по информатика

По еден сребен и бронзен медал освоија членовите на 18. Јуниорска балканска олимпијада по информатика, што се одржа во Ларнака, Кипар. Сребрениот медал го освои Марко Кренков од Струмица, а бронзениот – Владимир Грчев од Кочани. Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје освоија олимписка пофалба. Олимпијадата се одржа од 24 до 30 октомври, а учесниците на овој престижен меѓународен натпревар беа ученици на возраст дои 15.5 години. Нашиот тим го предводеа лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Со овие два медали, вкупниот биланс на македонските ученици на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година изнесува два златни, три сребрени, пет бронзени медали и шест олимписки пофалници – остварување што е достојно за почит, дури и за многу поголеми држави.

Членовите на македонскиот тим за ЈБОИ 2025 беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари кој континуирано го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава по 36-ти пат. Натпреварите се одвиваат преку системот mendo.mk, достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И оваа година циклусот натпревари беше реализиран со поддршка на ФИНКИ, „Бистри умови“, како и неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Семос Едукација и Винчини.

Јуниорската балканска олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години од земјите на Балканскиот Регион. Секоја земја учествува со тим од најмногу четворица натпреварувачи, тим-лидер и заменик лидер, а натпреварувачите решаваат алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.
Официјален домаќин на ЈБОИ 2025 е Република Кипар, а главен организатор е Здружението на информатичарите на Кипар, заедно со Министерството за образование, спорт и младина на Кипар.

На олимпијадата учествуваат вкупно 33 натпреварувачи од Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија.

– Горди сме на секој од нашите натпреварувачи – не само поради освоените медали, туку и поради сериозноста, посветеноста и професионалниот настап што го покажаа во текот на целата година и на самото натпреварување. Нивниот резултат не се само моментален успех туку е знак дека во следните години ќе имаме силни тимови и на сениорските натпревари како Интернационалната и Балканската олимпијада. Ние неуморно продолжуваме да работиме со младите таленти. Нашата цел не е само освојување на медали, туку создавање генерации кои ќе продолжат да го развиваат дигиталниот и технолошкиот екосистем на земјата –  изјави Јованов.
Следната, Јуниорска балканска олимпијада по информатика ќе се одржи в година во Сараево, Босна и Херцеговина.

Сподели